Македонија
(Видео) Oрганизаторите на настани протестираа пред Владата: Наместо да пуштаме гласна музика, една година сме тивки
Со мотото „ПОМЕН – една година тишина“, со транспаренти во рацете „Спасете ја ивент-индустријата“, вработените во продукциските компании за организирање настани се собраа пред Владата со поставени кутии за опрема и со едночасовен молк го изразија својот револт бидејќи една година не се гласни и не си ја работат својата работа.
Велат тука се со порака дека без поддршка од државата не ќе може да опстанат и дека е можно над 20.000 луѓе од оваа индустрија да останат на улица.
Како што изјави Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент-индустријата (ИВАП), која го организира протестот, компаниите од оваа дејност бараат помош во неповратни грантови, како што добија ноќните клубови, за да може, додека се затворени, да опстанат многуте уметници, продуценти и други работници што ја опслужуваат оваа дејност.
„Процените се дека падот на приходите во ивент-индустријата се повеќе од 50 отсто, што значи дека во догледно време ќе значи ќе ставиме клуч на врата. Цела година не работиме и не сме препознаени од власта, односно препознаени сме на еден чуден начин. Треба да седнеме да разговараме веднаш за спас на ивент-индустријата. Донесоа мерки што не се разбирливи за нас, а ние треба да опстанеме. Над 40 компании се загрижени, рентал-фирми за опрема, видео и аудиопродукции, компании за осветление, бина, звучници и други. Ние секогаш сме гласни во нашата работа, но не сакаме овој пат да бидеме такви, сакаме на тивок начин да го решиме проблемот“, изјави Маја Бабиќ, од ИВАП.
Како што објасни таа, претставниците на оваа асоцијација разговарале со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, уште во јануари и тогаш му понудиле решение за нивната индустрија, но, иако добиле ветување, нивното барање не било земено предвид.
Се донеле мерки, што, според нив, ниту се соодветни ниту се разбирливи. Затоа бараат повторна средба со претставник од Владата за да најдат заедничко прифатливо решение за двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

