Македонија
(Видое) Николов: Дали професионализмот на Комисијата за заразни болести потклекна на барањата на Заев
Ако бројката на новозаразени со коронавирусот беше околу 10 проценти пред две недели од тестираните, сега се движи околу 15-20 проценти од тестираните лица дневно, изјави Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е показател дека многу порано требаше да се спроведува она што го предлагавме – поголем број на тестирања, масовен скрининг пред сè на ризичните групи, на хронично болните, на возрасните и, секако, на медицинските работници.
Бројот на заболени медицински работници, оние на чиишто плеќи е товарот за справувањето со кризата, од ден на ден е сè поголем, недостасува и лична заштитна опрема.
Македонија е единствената земја во регионот и пошироко во која системот комплетно потфрли во справувањето со коронавирусот. Ова дополнително е потврдено и од ФОРБС со што Македонија не е меѓу првите сто земји кои се справуваат со коронавирусот. Или Македонија потфрли по ефикасноста во спроведувањето на мерките, по откривањето на заболените и по бројот на тестирања.
ВМРО-ДПМНЕ веќе предупреди дека податоците за новозаболени ќе се штелуваат со цел да се глуми нормалност. Се поставува прашањето дали навистина професионализмот на Комисијата за заразни болести потклекна на барањата на Зоран Заев да се спушти бројката на новозаразени, со тоа да не се тестираат и оние коишто се можни асимптоматски случаи?
ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ова ќе се врати како бумеранг. Ова е резултат на однесување на првиот човек на Комисијата за заразни болести, седумте политички директори на клиники назначени од министерот за здравство и самиот министер.
На граѓаните и на Македонија им е потребна стручна комисија, а не партиска, потребно е да се слуша струката, медицината, а не политиката. Потребно е итно проветрување и прочистување на Комисијата за заразни болести, потребен е свеж ветер.
Македонија е црна точка во регионот и пошироко. Сите ги затворија границите за македонските граѓани. Тие се непожелни заради тоа што владата предводена од СДСМ ја стави Македонија во кош со најнебезбедните земји во однос на справувањето со корона-кризата. Затоа треба да има одговорност!“ порача Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

