Македонија
Викендов почнува зимското сметање на времето
Во согласност со одлуката за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/23), летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 3 ч 00 мин. 00 сек., така што со поместување за еден час наназад времето во 3 ч 00 мин. 00 сек. се смета како 2 ч 00 мин. 00 сек., соопшти Министерството за економија.
Во согласност со одлуката, почнува зимско сметање на времето.
Законот за сметање на времето, како што појаснуваат, налага потреба од донесување одлука за воведувањето на летното сметање на времето.
Оваа одлука е во согласност со член 5 од Директивата 2000/84/ЕС на Европскиот парламент и на Советот од 19.1.2001 година за договорите за планот за летното сметање и информацијата на Европската комисија во сообразност со член 4 од Директивата, објавена во „Службен весник на ЕУ“ бр. C 61, 17.2.2016.
„Донесувањето на оваа одлука придонесува кон следење на долгорочната економска политика на Република Северна Македонија за асоцирање кон Европската Унија, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори не само за транспорт и врски туку и други сектори од индустријата, кои бараат стабилно и долгорочно планирање.
Исто така, со ова се води сметка за непречено функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар, олеснување на транспортот и комуникациите и географската положба, намалување на стопанските и нестопанските влијанија, а посебно врз: користењето на електричната енергија, здравјето на човекот, работната способност, начинот на живеењето, земјоделството, заштитата на животната средина, безбедност во сообраќајот, туризмот и индустријата.
Во Република Северна Македонија важи средноевропското зонско време“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.
Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.
Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.
„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници“, порача претседателката.
Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.
Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.
Во текот на посетата, претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.
Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.
Македонија
Мицкоски: Задоволни сме од тоа што се постигна со „Сејф Сити“, на ниво на државата повнимателно се вози и жртвите на годишно ниво се намалени
„Декември е месец кога може да се сумираат резултатите и да се направи една анализа за тоа што значеше имплементацијата на проектот „Сејф Сити“. Ако се спореди декември месец 2025, со декември 2024 година ќе дојдеме до еден многу значаен параметар, кој нас не прави задоволни и среќни со почетокот на функционирање на „Безбедниот град“, бидејќи во Скопје во декември месец 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле 5 лица, а оваа година ниту едно. Примената на оваа апликација си го дава резултатот“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за тоа дали е задоволен од аплицирањето на системот „Сејф Сити“.
Мицкоски дополни дека и вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни несреќи во 2024 година бил 142 лица, а изминатата година е 131 лице. Тоа според него значи и во градовите каде што нема инсталирано систем „Сејф Сити“ и на автопатите, се вози повнимателно.
„Ние продолжуваме и понатаму да го подготвуваме системот. Не очекувам дека од 1 февруари брилијантно секаде ќе функционира и не се можни некаде некакви грешки и отстапувања, но тоа во процесот како ќе расте така и ние ќе растеме со него, ќе го нивелираме. Но бројките за намалување за 11 жртви помалку во 2025 и во Скопје во декември 0 наспроти пет во декември 2024, ни дава за право да бидеме задоволни“, рече Мицкоски и дополни дека Владата ќе опстои на ова и покрај антикампањата и критиките кои беа упатувани на нејзина сметка.

