Македонија
Викендов сончево и топло, од другата недела нестабилно со пороен дожд
За време на викендот ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи, локално со поинтензивни процеси во форма на невреме.
Во Скопската Котлина за време на викендот во попладневните часови ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Во почетокот на следната седмица ќе преовладува променливо облачно време со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Слаба видливост на превојот Ѓавато
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, соопшти ЈП Македонија пат.
Според извештајот од 18 часот, намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинскиот превој Ѓавато.
Јавното претпријатие информира дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци е можна појава на поситни одрони и апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Македонија
Медведев: На светот не му треба златното доба на Америка, туку развојот на човештвото
Како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за „златната ера“ на САД, заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев денеска оцени дека современиот свет не го интересира „златното доба на Америка“, туку развојот на целото човештво.
Коментирајќи ја денешната видео-конференција меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг во позадина на инаугурацијата на Трамп, Медведев истакна дека тоа е најдобар доказ за мултиполарноста на современиот свет и стратешкото партнерство меѓу Русија и Кина, пренесува РИА Новости.
„И уште еднаш на сите им стана очигледно дека современиот свет не е заинтересиран за златното доба на Америка, како што театрално рече вчера Доналд Трамп, туку за развојот и просперитетот на целото човештво“, напиша Медведев на својот канал на Телеграм.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден во суштина го започна конфликтот меѓу колективниот Запад и Русија, кој за малку ќе се претвори во нуклеарен конфликт со учество на НАТО, изјави претходно Медведев на својот канал Телеграм.
Македонија
Димитриевски-Рокас: Реформите во администрацијата и правосудството покажуваат дека Владата е на вистинскиот пат
Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во просториите на партијата, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Н.Е. Михалис Рокас, а на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
На средбата стана збор за актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизираше веќе познатите ставови на ЗНАМ во врска со уставните измени, односно нивната одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ.
Димитриевски при тоа рече дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава. Тој потенцираше дека во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат.
Амбасадорот Рокас многу позитивно ја оцени работата на Владата. Тој, исто така, позитивно ги оцени и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ.
Неговата екселенција, амбасадорот Михалис Рокас во разговорот со Димитриевски потенцираше дека напорите на Владата на Република Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот се од особено значење и за поздравување. Тој рече дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности.
На средбата се разговараше и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски рече дека од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од нашите партнери во Европската Унија и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите.