Македонија
Висока владина делегација ги одбележаа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Делегација на Владата, предводена од министерот за одбрана, Владо Мисајловски, придружуван од министрите за животна средина и просторно планирање и за правда, Изет Меџити и Игор Филков, денеска положи венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на партизанските гробишта во Бутел во Скопје по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
На спомен-обележјето венци со свежо цвеќе положија и делегации на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, од Собранието на Република Северна Македонија, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, од Армијата, како и делегации од амбасадите на Австрија, Франција и од Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија, Украина и други организации и здруженија.
Во рамките на денешното одбележување министерот Мисајловски се обрати пред присутните, при што ја истакна пожртвуваноста на борците за слободна и независна Македонија. „Тоа се херои, кои следејќи ги идеалите на нашите илинденци за слободна Македонија, за достоинство и иднина без тиранија, го положија својот живот за оваа највозвишена цел. Нивната жртва не е само запишана во историските книги – таа е дел од нашиот идентитет. Ова место за нас е ништо помалку од свето место зашто тука им оддаваме почит на оние што помогнаа да се стави крај на ужасите од Втората светска војна“, рече Мисајловски и додаде дека слободата, правдата, вистината и човековите права не се подарок – тие се и избор и борба.

Министерот Мисајловски, по повод денешното одбележување и на Денот на Европа, нагласи дека во ова време кога сите земји во Европа прават сè за мирот и безбедноста да биде реалност на целиот континент, Европа мора да биде силна, единствена, како и во самиот зачеток на европската идејата за заедно и храбро да застанеме против сите закани.
Во тој контекст додаде дека македонските граѓани не бараат скратени патишта, протекционизам за членство, туку бараат фер пристап и можност. „Бараме она што е впишано во суштината на Европската Унија да биде единственото мерило за нашата подготвеност да бидеме дел од ова големо семејство. Бараме нашите реформи и нашата непоколеблива верба во европската идеја да бидат препознаени – зашто ние сме Европејци во нашата посветеност кон правдината, во нашите вредности, во нашиот дух“, потенцира министерот Мисајловски.
На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, кој истакна: „Со големо достоинство, длабока и искрена благодарност им се поклонуваме на македонските борци и на партизаните, кои го положија сопствениот живот за освојување на слободата, која македонскиот народ и сите народности од овие простори со векови ја посакувале.
Тие се темелот на нашата држава и нашето достоинство и постоење како народ, свесен за својата големина, затоа што Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од своето постоење застанаа на вистинската страна заедно со сојузниците и со сите напредни народи спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор.
9 Мај е круната на македонската идеја за сопствена држава, денот во кој се остварија сите надежи да бидеме свои на своето, слободни и независни.
Овој победнички ден претставува заокружување на страдањата и жртвите од Илинденската епопеја и сите борби кои во својата историја македонскиот народ ги водел.
Овој ден претставува остварување на нашата идеја за самостојна Македонија. Тоа е идејата која била главниот мотив за сите македонски учесници во воениот виор, идејата што ги крепела во сите искушенија, предизвици и битки“.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во своето обраќање потенцира: „9 Мај не е само уште еден датум во календарот. Тоа е ден кога човештвото одлучи да не се помири со мракот. Ден кога жртвата на милиони луѓе ја осветли патеката кон еден нов почеток. И ние како држава бевме дел од таа борба. Нашата земја даде свои животи, свои приказни, свои херои. Затоа денес стоиме токму овде, но не пред обични споменици, туку пред сведоштво на историја што ја обликуваше суштината на она што денес го нарекуваме слобода.
Овде, на ова место на тишина и достоинство, се потсетуваме не само на минатото туку и на вредностите што и денес нè обединуваат. 9 Мај е ден на длабока симболика: победата над фашизмот, но и раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа.
Како министер за европски прашања сакам да порачам: нашата европска иднина не е декларација, таа е одлука. Таа е избор за сојуз што нè обединува за мирот, слободата и правдата. Европа не е само географски, таа е морален простор, создаден токму поради жртвите, како што се хероите на кои денес им положуваме цвеќе“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

