Македонија
Обвинетиот Димовски пренесувал пораки од Јанакиески до комисијата за Сончев град
Судењето за предметот ,,Топлик” продолжи со вкрстено испрашување на сведок во случајот, вработена во Министерството за транспорт и врски која членувала во комисијата за јавно наддавање која првично го одбила барањето земјиштето за Сончев град кај Сопиште да се стави во продажба поради некомплетна документација.
Вработената на денешното сведочење изјави дека обвинетиот Димитар Димовски бил оној кој ги пренесувал пораките помеѓу комисијата и тогашниот министер, сега обвинет во случајот, Миле Јанакиески.
,,Димовски беше вработен во Министерството тој ни велеше ‘Во мене гледајте го министерот, јас ги пренесувам пораките за предметот'”, рече сведокот.
Обвинетиот Димовски многу често доаѓал да им укаже на членовите да работат побрзо во однос на собирањето податоци за земјиштето со цел работата да се заврши побрзо.
На минатото рочиште сведокот истакна дека членовите на комисијата за наддавање побарале да бидат разрешени од истата поради тоа што, иако документацијата за земјиштето не била комплетна, Јанакиески барал од нив земјиштето да биде ставено на продажба.
На прашање на обвинителот од СЈО што констатирала Комисијата, сведокот рече дека документацијата била некомплетна и затоа не може да се донесе одлука за јавно наддавање. „Немаше нумерички податоци за сите градежни парцели, немаше уверение за движење на катастарските парцели“, рече сведокот.
Првообвинет во предметот „Топлик“ е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во случајот обвинети се и Томе Ѓурчилов и Димитар Димовски, како и уште четири други лица, членови на Комисијата за јавни наддавањa при Министерството за транспорт и врски како соизвршители. Според обвинението на СЈО, тие ја злоупотребиле службената положба и овластувањето и го оштетиле буџетот за приближно 1 милион евра при продажба на земјиште за месноста Сончев град во Сопиште.
СЈО тврди дека иако надлежната комисија во Министерството укажала дека не може да се продава земјиштетото за Сончев град, Јанакиески експресно формирал нова комисија, која дозволила да биде објавен огласот за продажба. Бил склучен и купопродажен договор со фирмата „Сан сити“ во 2007 година, кoj четири години подоцна бил спогодбено раскинат. Во овој случај Апелациониот суд одлучи доказ да бидат и 11 бомби на специјалното јавно обвинителство.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

