Македонија
Во Македонија се хоспитализирани 1.326 пациенти со коронавирус
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1326. Од Министерството за здравство велат дека има околу 160 празни болнички кревети во ковид-центрите.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во Скопје се хоспирализирани вкупно 445 лица. Во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и суспектен на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 111 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 126, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 71 пациент, во Кочани 24, во Кичево 20, Кавадарци 46, во Гевгелија 17 лица, а во Дебар 9 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.