Македонија
Владата ги доби барањата – да се деблокираат сметките и да престане извршувањето на застарен долг
Потребен е сериозен, темелен и аналитички пристап во подготвувањето сосема нов закон за извршување, со сериозен аналитички пристап, широка дебата и преземање на европските добри практики, е наведено заедно со шесте конкретни барања доставени до Владата од граѓанските асоцијации што протестираа на 1 мај против Законот за извршувањето.
Според нив, треба да се изготви интервентен предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за извршување, во кој како приоритени би биле разрешени неколку најспорни прашања.
„Доверителите – јавните претпријатија, кои се во доминантна сопственост на РМ, Градот Скопје и општините, да се откажат од побарувањата со кои му се нанесува сериозна егзистенционална загрозеност на должникот граѓанин, штом настанало првото ниво на застареност и без прекинување на застареноста по која било основа. Со закон да се прогласат за застарени сите побарување од граѓани и да престане извршувањето на сите побарувања за кои настанала општата застареност од 5 години“, е првото барање на граѓанските активисти.
Тие сметаат дека штом износот на каматата го достигне износот на долгот, треба да престане натамошното пресметување камата. Бараат вкупните трошоци во постапката на извршување да бидат 15 отсто од износот на долгот, да се направи ревизија на приватните извршители.
„Трошоците на извршувањето за секој учесник во извршувањето, адвокат, нотар и извршител, да изнесуваат по 5 отсто од износот на долгот или вкупно трошоците на целокупната постапка да изнесуваат 15 отсто од износот на долгот. Во ниту една земја во Европа, штом една постапка на јавни овластувања поминува во приватни раце, не доаѓа до нејзино поскапување, па според тоа, Република Македонија не може да биде исклучок. Тоа е главната причина за воведувањето на јавните овластувања во приватни раце. Ако УЈП на име трошоци во постапка на присилна наплата пресметува и наплатува само 5 отсто од износот на долгот, зошто тоа не би била практика и кај приватните субјекти со јавни овластувања. Потоа да се направи ревизија на приватните извршители од страна на Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерсвтото за финансии“, се дел од барањата на граѓаните.
Според нив, потребно е приватните извршители да се зафатат со извршување на неисплатените плати и веднаш да се спроведе приклучување на системите на водоснабдување и електрично напојување на сите граѓани што се исклучени поради неплатен долг.
Овие барања се испратени до Владата на 1 мај по протестите што беа организирани и на кои стотина граѓани го изнесоа својот револт кон Законот за извршувањето. На барањата се потпишани здруженијата „Гласен текстилец“, „Нон пасаран“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикални организации во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.