Македонија
Владата ги раскина договорите со „Инвока груп“, фирма поврзана со набавката на софтверот на Рашковски
Владата ги раскина договорите со „Инвока груп“, фирма поврзана со набавката на софтверот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски
Владата на денешната редовна 72. седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од раскинување на Договорот за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ од 11.8.2020 година склучен со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје.
Генералниот секретаријат на Владата е задолжен да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.
„Генералниот секретаријат на Владата беше задолжен по раскинување на Договорот да почне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов договор за групна набавка и да ги извести: Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинска управа, Агенција за катастар на недвижности, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со’Инвока гроуп’, ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата на Република Северна Македонија“, стои во владиното соопштение.
Инаку, фирмата „Инвока груп“ е основана девет дена откако Драги Рашковски беше избран за генерален секретар. Фирмата во своето постоење добила три тендери и сите три од Генералниот секретаријат во вредност од над 320 илјади евра. Вниманието на јавноста го привлече софтверот за казни за сообраќајни прекршоци, а за кој МВР ниту било известено, ниту, пак, му бил потребен. Рашковски самиот го заштитил софтверот како свој патент.
За овој случај, Рашковски е во притвор во затворот во Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.

