Македонија
Владата го прими предлог-текстот за пругата на Коридорот 8 предложен од владата на Бугарија
Владата на денешната седница го прими предлог-текстот на договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничен железнички тунел, поднесен од Република Бугарија.
Исто така, се донесе одлука да се формира работна група во следниот состав: Александар Николоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии, и Синиша Ивановски, директор на ЈП „ЖРСМ – Инфраструктура“, која во наредниот период ќе работи на разгледување на предлогот.
„Би сакале да потенцираме дека Владата е силно посветена на изградба и модернизација на европските транспортни коридори, меѓу кој и Коридорот 8. Во таа насока изградбата на Коридорот 8 е стратешки проект на кој се посветува огромно внимание и во рамките на приоритетите се преземаат активности за негова доизградба. Исто така, би сакале да повториме дека целта на Владата преку Министерството за транспорт е да се продолжи изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 и тој да се поврзе со Република Бугарија“, посочуваат од Министерство за транспорт и додадаваат:
„Но, повторно ќе ги потенцираме ставовите на Владата, за пругата да биде функционална, а Коридорот 8 да има смисла и да ги исполни потребите за што е наменет, мора да има заеднички проект за тунелот со Бугарија и изградбата да се одвива заеднички во континуитет на целото тунелско решенија. Исто така, потребно е од бугарска страна да се доизгради пругата што недостига до граничната точка, како и да се модернизира пругата од Ѓуешево до Софија. Македонија од своја страна ќе изврши ревидирање на цената на чинење. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан и земјите од ЕУ е клучен фактор за понатамошна интеграција, која ќе донесе придобивки за економиите и граѓаните на регионот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

