Македонија
Владата донесе одлука за спроведување кампања за референдумот
Владата донесе одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. По потпишувањето на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и по распишувањето на реферндумот, со цел граѓаните да одлучат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција, Владата попладневно соопшти дека носи одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот.
Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања за референдумот, Владата како што информираат оттаму, ќе работи транспарентно и отчетно.
Во соопштението од Влада наведуваат дека ќе се следат јавни комуникации од интерес на јавноста, притоа наведувајќи ги стандардите за јавни комуникации.
„Релевантност: Конкретните информации кои се споделуваат треба да бидат од директна и суштинска надлежност на Владата и согласно со стратешките приоритети на Владата. Соодветно и неопходно е Владата да има можност да ги објаснува и образложува сопствените политики и одлуки и кога е неопходно, да ја информира, да ѝ укажува, сугерира или предупредува јавноста“, стои во владиното соопштение.
Понатаму додаваат дека ќе има објективно и информативно комуницирање, односно, како што посочуваат од Владата, комуникацијата треба да биде објективна и објаснувачка, и да не биде пристрасна или полемична. Комуникацијата во никој случај не смее да содржи неточни информации, говор на омраза или лични дискредитации. Владините информации или активности поврзани со публицитет треба секогаш да бидат насочени кон информирање на јавноста, дури и кога тоа исто така има задача да влијае на однесувањето на поединци или на одредени групи.
Во соопштението како следна точка се наведуваат непартиски комуникации, односно, како што стои во соопштението, „несоодветно е да се оправдуваат или бранат политики со користење пораки кои се типични за политичките партии, да се користат партиски слогани, да се промовираат партиски активности, или директно да се напаѓаат политики и мислења на опозициски партии и групации (иако можеби некогаш ќе биде неопходно да се одговори на истите на конкретен и коректен начин). Имајќи го предвид политичкиот повеќепартиски систем во Република Македонија, можно е определена добро воспоставена јавна кампања да создаде политички кредит или штета за партиите од власта или од опозицијата, но ова не смее да биде ниту директна ниту индиректна цел на владините информации или јавни активности кои се платени со јавни пари“.
Како последно во соопштението од Владата стои пропорционалност и рационалност, односно се наведува „соодветно искористување на ресурси кое ќе гарантира дека трошокот на јавните ресурси (финансиски, материјални, човечки) е ефективен за информирање или влијаење врз однесувањето на граѓаните, кое е од јавен интерес: Каналите низ кои се споделуваат информациите со јавноста треба да бидат организирани на економичен и соодветен начин, а за трошењетo на јавните пари треба да се известува. Владата е отчетна кон граѓаните и Парламентот за тоа на кој начин ги користи државните службеници или други јавни ресурси или расходи. Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет, односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин т.е. на начин со кој јавноста добива јасна порака“. Притоа, велат од Владата, недозволива е лоша презентација што може да предизвика неефикасно трошење на јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати.
„Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средствата за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораките коишто треба да се пренесат. Неопходно е и ќе биде реализирано прецизно планирање на целите, мерките и системот за евалуација – на секоја комуникација која вклучува трошоци на ресурси со цел да се осигура ефективност и резултати во реализација“, стои во соопштението од Владата.
Во соопштението испратено по завршувањето на владината седница, од Владата исто така соопштуваат дека Владата ги задолжила сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од 3 дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

