Македонија
Владата донесе одлука за помош на млади и младински организации, одобрени и измените на ЗЕЛС за подобро функционирање на општините
Денес Владата ја одржа 77-та седница на која беа донесени неколку значајни одлуки во интерес на граѓаните, соопшти владината прес-служба.
На седницата беше разгледана информацијата за носење на Предлог-програма за финансиска поддршка на проекти од областа на младите на младинските организации, организациите за млади и младински чадор организации за 2025 година преку министерството за социјална политика, демографија и млади.
Преку Министерството ќе се дадат грантови за проекти од областа на младите, на младинските организации во износ не поголема од 300.000 денари.
Проектите и апликациите треба да се насочени кон следните приоритетни цели и тоа: зајакнување на влијанието на младите во сите процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво врз основа на соодветна правна рамка;
препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите;
оспособување на младите со знаења и вештини за медиумска и дигитална писменост кои препознаваат дезинформации и ги артикулираат сопствените интереси и ставови како активни граѓани во општеството со развиена критичка свест;
зголемување на свеста и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции и
креирање на иновативни решенија за намалување на невработеноста на младите и промоција на мерки за самовработување и претприемништво.
Се со цел да се запази транспарентноста, ќе се објави јавен повик при што претставници од министерството и Генералниот секретаријат ќе ги разгледуваат апликациите и проектите, додека пак распределба на средствата ќе се врши согласно правилник за распределба, информираат од Владата.
Исто така, Владата го одобри предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа. По одобрувањето од страна на Собранието, како што појаснуваат надлежните, овие измени ќе донесат значителни подобрувања во функционирањето на општините, зголемување на транспарентноста, граѓанското учество и административната ефикасност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

