Македонија
Владата донесе одлуки за поништување на едностраните наредби донесени од министерот за внатрешни работи

Владата го разледа известувањето од МВР дека еднострано, со потпис само од министерот за внатрешни работи, се донесени три наредби за кадровски поместувања/разрешувања, без рамноправно одобрување и потпишување и од дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, како што предвидуваат правните акти.
Согласно тоа, Владата донесе одлуки за поништување на едностраните наредби донесени од министерот за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време, следува период на потопло време

Времето утре ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Кривични пријави против поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба

Полицијата поднесе кривични пријави против поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавите се поднесени против В.В.- пензиониран работник, а во време на извршување на кривичното дело на работно место „помошник директор“ во Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси во Бирото за јавна безбедност при МВР и В.Н.- пензиониран работник, а во време на извршување на кривичното дело на работно место „началник“ на Секторот за правни работи и заштита на лични податоци.
Според информациите од МВР, првопријавената како службено лице во текот на 2021 и 2022 година не ја извршила својата службена должност на начин што не спровела правосилни пресуди на надлежен суд, со кои било одлучено за прекинување на договорите за вработување на две вработени лица и дозволила истите да продолжат да работат во Министерството за внатрешни работи.
Пријавената не постапила согласно своите надлежности на начин што не ја распоредила примената пошта, во случајот предметните пресуди, до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки во рамки на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси и не дала насоки да се постапи по пресудите, односно да се откажат договорите за работа на работниците, и покрај фактот што на критичните денови кога пресудите пристигнале во Одделот со кој раководела, истата била на работа и не дала овластување на друг работник да ја распоредува поштата. Пресудите биле заведени во Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, кој немал надлежност да постапува по истите.
Второпријавената во својство на овластено службено лице кога предметните пресуди пристигнале во Секторот со која таа раководела, не ги прочитала со внимание и ги предала да бидат заведени во Деловодникот на Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, без притоа соодветно да реагира и да ги врати пресудите до првопријавената, со цел да бидат проследени до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки заради постапување.
Со ваквото дејствие пријавените му нанеле значителна имотна штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи на име на исплатени плати и придонеси од работен однос на работниците на кои согласно судските пресуди требало да им биде прекинат работниот однос во МВР во износ од 3.314.870 денари.
Македонија
(Видео) На матурска вечер без автомобил

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во рамки на кампањите за зголемување на безбедноста во сообраќајот, започна со реализација на кампањата за поголема безбедност на младите во сообраќајот – посветена на матурантите, под мотото „На матурска вечер без автомобил!“
Кампањата има за цел да испрати силна порака до младите – да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол, туку на матурските прослави да користат јавен превоз, такси или возачка придружба на роднини, одосно да не управуваат со возило.
Со денешниот настан, кој се одржа во средното сообраќајно стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ како почеток на кампањата, започнуваат серија на теренски активности во организација Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје.
Почетокот на кампањата беше одбележан со предавање пред учениците од трета и четврта година – матуранти од училиштето каде свое обраќање имаа Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи, м-р Горан Ангеловски, претседател на РСБСП и Александар Стрезов, директор на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Министерот Тошковски ја истакна важноста од соработката меѓу институциите за унапредување на сообраќајната култура кај младите и апелираше за одговорно однесување во сообраќајот.
„Немојте да си дозволувате да управувате возило и да бидете учесници во рамките на сообраќајот, а притоа да не ги почитувате правилата. Правилата се напишани и се создадени за да ги заштитат човечките животи. Ако сите ние при секое застанување на црвено, поминување на улица, при секое влегување во возилото, ги почитуваме правилата, верувајте ми дека сите овде ќе имаме подобар живот. Секој што се огрешил пред законот, а притоа има докази за тоа, ќе одговара. Никој не е и не може да биде над законот и правилата. Почитувајќи ги правилата, секој еден што го гледаме околу нас, ќе биде побезбеден во рамки на сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, нагласи дека матурските прослави се свечен чин за сеќавање со кој се заокружува еден дел од образованието на секој матурант и целта на оваа кампања е да се одвратат младите да не управуваат со моторни возила и не консумираат алкохол за време на прославите и да се влиаје на намалување бројот на сообраќајни несреќи кај младата популација, особено во овој период кога ризикот е зголемен.
„За време на матурските прослави не треба да консумирате алкохол и да управувате со моторно возило, односно треба да направите матурските прослави да Ви бидат чин кој ќе го паметите многу години, односно целиот живот. Да не дозволиме некое несовесно и неодговорно однесување во сообраќајот да заврши со трагичен крај. – апелираше Ангеловски“
Кампањата ќе продолжи во текот на април, мај и јуни преку низа активности, кои ќе се реализираат во средните училишта во Македонија.
Со оваа кампања, РСБСП уште еднаш испраќа јасна порака:
ПРОСЛАВУВАЈ, НО БИДИ ОДГОВОРЕН – ЖИВОТОТ Е ЕДЕН, КОЈ НЕМА ЦЕНА!