Македонија
Владата донесе решение за распуштање на Советот на Општина Тетово

Владата на денешната седница донела решение за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и Буџетот до 31 март како што е предвидено со законската одредба, информираат владините служби.
За ова решение, како што додаваат од таму, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Северна Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби.
Досегашниот претседател на Советот на Општината Бесар Дурмиши претходно имаше побарано што поскоро да се донесе одлука и датум за нови избори за Советот на Општина Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ангелов: Пожарот кај Јасен е ставен под контрола

Дождот којшто вчера попладне заврна во делови од државата, меѓу другото ни помогна во гаснењето на пожарот во ловиштето Јасен, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Иако за жал во текот на ноќта детектиравме пламени јазици на еден крај од ловиштето и не можам да кажам дека овој пожар е изгаснат, туку дека е ставен под целосна контрола. Рано утрово 30-тина припадници на армиските специјалци волци и ренџери се упатија кон местото кадешто има активно горење, притоа се спуштаат по исклучително стрмен и непристапен терен за да го зададат завршниот удар на овој исклучително тежок за гаснење пожар“, изјави Ангелов.
Сезоната на пожари не е завршена, а тој апелираше до сите граѓани да бидат исклучително внимателни и да го пријавуваат секое сомнително поведение на граѓани за кои се сомневаат дека можеби подметнуваат или несакајќи ќе предизвикаат пожар.
Македонија
„Влен“: 23 години лаги, доста е!

„ДУИ и нејзините сојузници ја претворија политиката во игра на логоа и бои. Понекогаш се прогласуваат за Европски фронт, понекогаш за Национален фронт, денес под името НАИ, секој ден нов идентитет, само за да ја сокријат внатрешната криза и 22-годишните неуспеси“, велат од „Влен“.
„Ова е јасен показател за партија која не знае која е и каде оди. Еден ден зелена боја, следниот ден сина, но во секој случај, граѓаните ги гледаат истите луѓе, со истите неуспеси и истата корупција.
Во меѓувреме, “Фронтот“ еден по еден, го напуштаат, турската партија, која беше сериозна сила со околу 20 илјади поддржувачи, си замина; Мендух Тачи си замина, и ова е само почеток. Силите што во минатото жестоко се судрија едни со други, денес се обидуваат да се сокријат под заедничко лого, но граѓаните добро знаат дека ова е само фасада. Од друга страна, ВЛЕН никогаш не била поуникатна, никогаш пообединета. Го докажуваме ова секој ден, во секоја одлука и пред сè со нашите заеднички кандидатури, кои се надежта на граѓаните за промена.
Вредноста не се мери со променети логоа и бои, туку со конкретни дела за граѓаните. Во овој поглед, ВЛЕН е единствената вистинска алтернатива за промени и развој. 22 години на власт, а сега мислат дека со промена на боите и името можат да ја избришат историјата на измами. Но, Албанците не забораваат: корупцијата, пазарењето и разочарувањата не се покриени со никакво ново лого. Октомври ќе има само еден победник, а тоа е ВЛЕН!“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Без вода денеска корисниците од улицата Црвена Скопска Општина

Од ЈП Водовод и Канализација добиено е известување дека денеска, поради дефект во шахта (промена на шибер во шахта ф 50 мм) на улицата Кеј Димитар Влахов бр.4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Црвена Скопска Општина (сите објекти кои се наоѓаат на истоимената улица).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работата.