Македонија
(Видео) Владата до Собранието ќе достави четири амандмани за промена на Уставот
Додавање на придавката северна пред името Македонија во целиот текст на Уставот, измени на преамбулата на Уставот во согласност со договорот со Грција, поцврста гаранција за неповредливост на границите и територијалниот интегритет, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство. Ова се четирите амандмани за промена на Уставот што Владата ќе ги достави до Собранието, информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски по денешната вонредна седница на Владата.
Тој истакна дека за две од четирите точки, односно поцврстата гаранција за неповредливост на границите и територијалниот интегритет, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство веќе биле направени измени во Уставот во 1992 година.
Бошњаковски не сакаше да одговори дали Владата успеала да ги убеди оние 10 пратеници кои недостасуваат за двотретинско мнозинство за уставни измени, но кажа дека тие се обврзани да гласаат во согласност со волјата која граѓаните ја искажаа на референдумот.
„Владата ќе го достави до Собранието предлогот за уставните измени. Пратениците без разлика на која партија припаѓаат имаат обврска кон граѓаните да го обезбедат патот кон ЕУ и НАТО што води преку договорот со Грција. Од пратениците се очекува да донесат одлука во оваа насока. Народот направи важен избор“, рече Бошњаковски.
Амандманите ќе бидат доставени до уставната комисија во Собранието, со што ќе почне расправа која деловнички трае 10 дена, по што ќе биде јасно дали владејачкото мнозинство успеало да ги обезбеди 80-те пратенички гласа. Според извори од пратеничките групи, ова мнозинство засега не е обезбедено, но продолжуваат преговорите со опозициските пратеници. Од наjголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, деновиве истакнаа дека не отстапуваат од претходните ставови дека нема да поддржат промени на Уставот.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

