Македонија
Владата до јануари ќе испорача 8 од 12 клучни чекори, вели Мицкоски за реформската агенда
На денешната пленарна седница во Собранието на Република Северна Македонија, на која на дневен ред беа пратеничките прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговори на прашање поставено од пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кое се однесуваше на реформската агенда на Владата.
Премиерот Мицкоски истакна дека поради законските ограничувања, изборната кампања и спроведувањето на изборите, некои од реформските чекори бележат доцнење во реализацијата, при што речиси 12 чекори требало да бидат завршени до овој момент. Тој нагласи дека по завршувањето на локалните избори, следува целосна мобилизација на Владата и на институциите, со динамично следење на сите чекори во интервал од 7 до 10 дена, како на оние што треба да се испорачаат до 31 декември така и на чекорите што почнуваат од 1 јануари. Овие чекори, како што појасни премиерот, се влезени во грејс-период и треба да бидат целосно завршени до јуни 2026 година.
Премиерот Мицкоски информира дека на последната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, биле анализирани реформските чекори, при што тој изразил уверување дека најмалку осум од дванаесетте чекори ќе бидат испорачани до средината на јануари. По интензивната работа, како што рече, Владата очекува да испорача 10 од 12 чекори, а за двата, кои нема да бидат реализирани, ќе биде дадено јасно и транспарентно објаснување пред македонската јавност.
„Во однос на енергетиката, Законот за енергетиката е донесен и усогласен со канцеларијата на Европската комисија, но според оценката на Комисијата, тој не се смета за целосно завршен поради неизработени подзаконски акти и незавршен маркет-каплинг, кои зависат од процеси на ниво на Европската Унија. Ставот на Владата е дека законот е испорачан и дека за овие обврски треба да се утврди нов рок до декември 2026 година“, додаде Мицкоски.
„Како втор чекор беше посочена реконструкцијата на објекти во државна сопственост со примена на мерки за енергетска ефикасност, со јасен план за опфат од 3 % на годишно ниво во следните три години. Приоритетите се веќе утврдени, формиран е надзорен комитет, а на следната владина седница Министерството за енергетика и Министерството за финансии ќе бидат задолжени да обезбедат финансиски средства по што овој чекор ќе се смета за завршен пред Нова година.
Третиот чекор, кој е во делот на енергетиката, е во однос на либерализација на пазарот на електрична енергија за граѓаните за што свесно рековме дека нема да го исполниме. Ако ова се случи и не продолжиме да ја субвенционираме електричната енергија, граѓаните ќе добијат сметки за електрична енергија од 50 до 70 % поскапа сметка од сегашната. И рековме дека свесно нема да го испорачаме“, истакна премиерот Мицкоски.
Во однос на усогласувањето на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР од изборите во 2024 година, беше најавено дека Министерството за правда, заедно со пратеничките групи, ќе подготви соодветен документ по што ќе следува политички дијалог. Донесувањето на измените се очекува по завршувањето на дополнителните избори, по средината на јануари.
Во врска со чекорите за правосудството и измените на законите, премиерот Мицкоски истакна:
„За чекорите, кои се однесуваат за Правда, за законот за судскиот совет, законот е изготвен, одобрен од Венециската комисија, тој е во рамките на собраниска процедура и очекувам во почетокот на следната година да биде изгласан“.
Во секторот транспорт посочи дека е изработен план за реструктуирање на двете државни железнички компании – „МЖ инфраструктура“ и „МЖ транспорт“, во соработка со експерт од Европската Унија. Планот е доставен до Европската комисија и по добивањето на одговорот, ќе биде ставен на разгледување и усвојување на владина седница, со што овој чекор ќе се смета за завршен.
Во делот на оптимизацијата и дигитализацијата на јавните услуги, премиерот истакна дека Катастарот ги завршил сите предвидени чекори, МАЛМЕД реализирал 9 од 19, а другите институции, вклучително и Министерството за економија и труд, интензивно работат на исполнување на обврските.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Владата и институциите продолжуваат со засилено темпо на работа, при што повеќето од чекорите се веќе реализирани или се во завршна фаза, а средствата постепено се ослободуваат. Од април, како што истакна, државата ќе влезе во целосен реформски колосек како ниедна друга земја од Западен Балкан, со навремено и доследно исполнување на обврските.
Воедно, беше најавена и интензивна работа на планот „роаминг како дома“, со цел македонските граѓани да користат мобилни услуги, без дополнителни роаминг-трошоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Артан Груби ќе одговара за милионскиот криминал, следува одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ
По повеќе од година дена поминати во бегство на граничниот премин Блаце е приведен поранешниот вицепремиер во коалицијата на СДС и ДУИ, Артан Груби, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се поврзува со сериозен криминал и корупција во периодот на владеење на СДС и ДУИ.
Осомничен е, како што велат, за проневера во службата за случајот со државна лотарија.
„Штетата на државата од неговите постапки е над 8 милиони евра со индиции сумата да биде и значително повисока.
Во јавноста беа изнесени сомнежи дека заедно со тогашниот директор на Државна лотарија, Бајрами, биле спроведувани спорни тендерски постапки и исплаќани аванси кон деловни партнери.
СДС знаеле за криминалот на Груби и молчеле и не реагирале.
СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби тоа го потврди и извештајот на ДЗР.
Јавноста очекува институционална разрешница“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, борбата против криминалот и корупцијата е приоритет, а секој што постапувал спротивно на законот ќе мора да одговара согласно правниот поредок.
Македонија
„Дилот ВМРО–ДУИ му донесе куќен притвор на Груби“, велат од СДСМ
„Одлуката за куќен притвор за Артан Груби е уште една силна потврда за дилог ВМРО-ДУИ. Правната држава е погребана. Сè е однапред договорено и режирано. Куќен притвор за лице кое веќе еднаш избегало од државата и за кое веќе имало одредено мерка притвор“, велат од СДСМ.
„Затоа го сменија јавниот обвнител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, в.д обвинителка избраа на поранешен заменик министер на ВМРО.
Власта има целосна контрола врз обвинителството и судството. Одлуката за куќен притвор ја носи обвинител под Скопското обвинителство каде што за шеф пред само еден месец е избран Анел Фидоски.
Јасно е што се случува. Дилот ВМРО–ДУИ се реализира пред очите на јавноста и му донесе куќен притвор на Груби. Прашањето што останува е само што ќе добие сега ДУИ за возврат“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Во текот на минатата недела отстранети 𝟨𝟣𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

„Приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад беа отстранети од улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Воедно, Претпријатието продолжува со секојдневно одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.





