Македонија
Владата има план за царината од САД: „Нема потреба од паника, нема да се одрази многу на нас“
Одлуката на САД за царинските трошоци, нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме подготвен план за надминување на ситуацијата, велат од Владата по одлуката САД да ја зголемат царината за увоз од сите земји, која за Македонија изнесува 33 отсто, што е повеќе од земјите од ЕУ – 20 отсто.
Одлуката е очекувана, велат од Владата, и не ја одмина ниту една земја во светот – дури ни Велика Британија, Канада, Европската Унија и уште стотици други држави.
„Владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и заедно имаме подготвен план за надминување на ситуацијата. Оваа одлука нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме јасен план како понатаму“, велат од Владата.
Се додава и дека контактите со американската администрација се веќе воспоставени и ќе продолжат на високо ниво, а Владата ќе работи на изнаоѓање решение и на спроведување на планот.
„Она што е значајно да се спомене е дека нема потреба од никаква паника, ниту од избрзани реакции и заклучоци. Станува збор за нешто долго најавувано од оваа администрација, и не е одмината ниту една земја – дури ни најстарите и најтрадиционални партнери на САД. Ова е обид за репреговарање на трговските односи во светот – нешто што беше неопходно и што, иако сега за некои претставува шок, за други ќе значи можност“, се вели во соопштението на Владата.
Се додава и дека оваа ситуација е шанса за многу луѓе кои не ѝ посакуваат добро на Владата да напаѓаат неосновано и да се обидуваат да нанесуваат штета врз нивниот углед – било поради лични интереси, било поради партиски цели, било поради малодушност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

