Македонија
Владата на состанок со работна група од ЕУ: „Бараме шанса за почеток на преговорите во јуни“
Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министри од Владата задолжени за реализација на клучните реформски приоритети денеска се обратија на средбата со Работната група на Советот на Европската Унија за Западен Балкан, што се одржа во Собранието. Заев побара да биде вреднуван напредокот на Република Северна Македонија и нашата држава во јуни да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија.
„Работиме ангажирано за во јуни пред вас, земјите членки на ЕУ, нашето досие да биде силно поткрепено со резултати коишто ќе ја покажат нашата решителност, како и одржливоста на реформските процеси што ги спроведуваме. Би сакал да ве уверам дека кај нас постои целосна свесност за обемот на обврските и задачите кои ги наметнува процесот на пристапување кон ЕУ и дека Владата го вклучи целиот свој капацитет да го олесни носењето на одлуката во Советот во јуни“, рече премиерот Заев.
Тој посочи на важноста на позитивната одлука на Советот во ЕУ во јуни, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.
„Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко – дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина на земјата. Ние бараме шанса за којашто искрено веруваме дека ја заслуживме. Бараме оваа година да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ”, рече премиерот Заев, кој додаде дека нашата земја е свесна дека завршувањето на тие преговори ќе зависи како од напредокот на нашата земја, така и од европските институции.
Во врска со процесот на реформи што тече во државава, премиерот посочи дека законите се носат во инклузивен процес заедно со опозицијата и граѓанското општество, дека се работи сериозно и на имплементацијата на донесените закони за остварување суштински промени и видлива позитивна промена на политичката култура во Република Северна Македонија. При тоа, како што посочи, Владата се води од врвните европски вредности и стандарди како што се владеењето на правото, независно судство, борба против криминалот и корупцијата, демократизирани и ефикасни разузнавачки служби во функција на граѓаните, професионална и стручна јавна администрација.

За постигнувањата во областите, на состанокот поконкретно објаснија ресорните министри.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, соопшти за напредокот во имплементацијата на планот 18, од аспект на испорачаните закони и имплементираните одлуки, но и на т.н. „трак рекорд“, односно видливите примери што упатуваат на промените од спроведувањето на реформите.
„Република Северна Македонија оствари исклучително голем напредок како во отстранувањето на политичките пречки, така и во имплементацијата на реформите, со што покажа подготвеност за почеток на пристапните преговори уште денес. Ги оживеавме клучните европски вредности и културата на компромис. Секако, реформскиот моментум нема да се намали ни во периодот што претстои, со што ќе ја убедиме секоја земја членка на ЕУ, дека има сериозен партнер на Балканот во промоцијата на европската идеја и дека почетокот преговорите оваа година претставува заемен интерес во остварувањето на европските приоритети за побезбедна, постабилна и просперитетна Европа“, рече вицепремиерот Бујар Османи.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, посочи на важноста на одлуката што треба да ја донесе Советот на ЕУ, за нашата држава во јуни.
„Нашиот успех на патот кон НАТО покажува дека како Влада го исполнуваме она што сме го поставиле како цел и кога ќе се посветиме на целта имате резултати. За помалку од 7 недели, 9 земји веќе го ратификуваа Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО. Поради обновениот НАТО-оптимизам, имаме позитивен ефект врз економијата и четирикратно зголемување на странските инвестиции во 2018 година“, рече вицепремиерката и министерка Шекеринска.
Таа посочи дека е почнато правењето проценка за хибридните закани, во согласност со соработката со ЕУ. Исто така го потенцираше напредокот во домашните реформи, особено во унапредувањето на слободата на медиумите. Ги нагласи и постигнувањата на меѓуетнички план.
Заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за реформите во безбедносните служби нагласи дека е воспоставен институционален механизам за спречување и рано детектирање евентуални обиди за злоупотреба на опремата за следење на комуникациите, преку Оперативно-техничката агенција (ОТА), формиран е Советот за граѓански надзор за заштита на човекови права, во тек е реформа во УБК, којашто ќе биде самостоен орган, а не како досега во составот на МВР и надлежноста на новата Агенција за национална безбедност што ќе биде да собира, обработува и анализира податоци со цел да се откријат или спречат активности против националната безбедност.

„Владата силно работи на спроведување реформски процеси што ја воспоставуваат правната држава. Безбедноста и сигурноста на нашата држава е приоритет за МВР, но за нас е приоритет и безбедноста и сигурноста на сите граѓани на ЕУ и земјите членки и понатаму ќе бидеме рамноправни партнери во соочувањето и спречувањето на безбедносните закани“, рече вицепремиерот и министер Спасовски.
Што се однесува до реформите во правосудството, министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека во тек се активни реформи и нивна имплементација што веќе даваат резултати во работата на судството. Таа посочи дека се донесени измените на Законот за судовите, во собраниска процедура е новиот Закон за судскиот совет, изготвен е нов закон за Јавното обвинителство и измени и дополнувања на Законот за Советот на јавни обвинители.
„Изработен е текст за нов закон за Јавното обвинителство во консултација со странски експерти, од кои добивме потврда дека станува збор за решение кое ќе овозможи квалитетен систем на Јавно обвинителство во кое што СЈО ќе има своја автономна улога и буџетски средства за да се бори со висока корупција и продолжување на сите предмети што се почнати од СЈО. Предлогот на Владата доби позитивна оценка од меѓународната заедница, во тек се разговори со опозицијата и очекуваме дека законот ќе биде изгласан со 2/3 мнозинство”, рече министерката Дескоска.
Таа ги објасни и реформите во казнено поправната област, пристапот до правдата, донесениот нов Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси.
Во врска со реформите во администрацијата и зајакнувањето на дигиталната агенда, министерот за информатички општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека веќе се бележат повеќе резултати. Посочено е посебно на нацрт-законот за висока раководна служба, којшто е финализиран со поддршка од СИГМА, текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи, а законот е во фаза на јавни консултации.
Според министерот за надворешни работи, Никола Димитров, важно е напорите на Република Северна Македонија да бидат признаени со датум за почеток на преговорите со ЕУ.
На работниот состанок имаше и дискусија. Упатени се честитки до Република Северна Македонија за постигнатиот договор во Преспа, испратена е порака нашата земја да ги искористи претстојните два месеца и да продолжи со одличната работа, поздравен е дијалогот со опозицијата и со политичките и општествените чинители и изразена е надеж дека ЕУ во јуни ќе ги вреднува достигнувањата на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

