Македонија
Владата обезбеди 30 милиони денари за печатените медиуми

Владата донесе одлука за одобрување средства од буџетот за 2021 година за реализација на Програмата за поддршка за печатените медиуми којашто се реализира по четврти пат и која е наменета за печатените медиуми од општ и информативен карактер.
„Програмата за поддршка за печатените медиуми е покрената со цел да ја поттикне разновидноста на изворите за информирање, како и да обезбеди одржливост на постоењето на овој традиционален вид медиуми, наспроти брзорастечката дигитализација и во согласност со праксата која е присутна во многу земји и којашто е препорачана и поддржана од ОБСЕ и од меѓународните медиумски организации“, велат од Владата.
Постапката за избор на корисниците на средствата согласно програмата, ја спроведе Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат во чиј состав покрај претставници на надлежните институции, има и по еден претставник на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Македонија и еден претставник на Здружението на новинари на Македонија. Комисијата, како и претходните години, донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми.
Од вкупно 11 пристигнати барања, одобрени се 11. Комисијата утврди дека сите барања имаат уредна и комплетна документација и сите корисници на овие средства се печатени медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања.
На овие 11 печатени медиуми им се распределени, согласно критериумите, 30 милиони денари, и со тоа се исплатени сите средства предвидени во буџетот за 2021 година за поддршка на печатените медиуми. Во прилог следи табелата со финансиски показатели за секој медиум поединечно.
Согласно предвидениот буџет за 2021 година, на печатените медиуми на македонски јазик им се исплатени средства во висина од 40 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и дистрибуција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Поставени шест куќи засолништа за бездомни животни во Паркот на франкофонијата

Општина Центар доби шест куќички-засолништа за бездомни животни како донација од Амбасадата на САД. Куќичките, изработени од локални архитекти, се поставени во Паркот на Франкофонијата во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство“, соопштија од општината.
Проектот, како што велат, има за цел подобрување на условите за бездомните животни и поттикнување на инклузивноста во јавните простори.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека ова е пример за вистинска соработка помеѓу граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и локалната самоуправа.
„Благодарни сме на Амбасадата на САД за поддршката, како и на организацијата Хумани градови за иницијативата и за тоа што ја препознаа Општина Центар како партнер за реализација на овој хуман проект. Оваа донација е поттик и обврска да продолжиме со политики што ја промовираат грижата за животната средина и за сите живи суштества што делат простор со нас”, рече Герасимовски.
Со поставувањето на засолништата, според него, Паркот на Франкофонијата добива нова, хумана димензија, простор за заштита на животните и пример за одговорно и инклузивно уредување на јавните површини.
Македонија
Утре, без вода делови од Ѓорче Петров

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( среда ) поради промена на затварач од ф – 250 мм во пумпна станица Волково, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населбите Ново Село, Даме Груев, Стопански Двор и Волково. ( општина Ѓорче Петров )
Македонија
Бесплатни униформи, ранци и прибор за учениците, во тек е целосна дезинфекција на училиштата во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа работен состанок со директорите на сите општински основни училишта по повод започнувањето на новата учебна година. На состанокот се разгледуваа финалните подготовки за првиот училишен ден.
Во сите училишта во тек се активности за темелно чистење, а во наредните денови ќе се спроведе и задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со цел обезбедување на безбедни и хигиенски услови за учениците и наставниот кадар.
За прв пат оваа година, Општина Центар обезбеди бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта. Носењето на униформите ќе биде задолжително за сите ученици.
Дополнително, трета година по ред, сите првачиња ќе добијат бесплатни ранци и училишен прибор, како дел од заложбата на општината за поддршка на учениците и нивните семејства.
„Вложуваме во образованието, вложуваме во нашата иднина. Сакаме да им овозможиме на децата еднакви услови за учење и да покажеме дека образованието е еден од нашите највисоки приоритети,“ истакна градоначалникот Горан Герасимовски.