Македонија
Владата посветено работи, преку зголемување на инвестициите да го подобри стандардот на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Со ништо СДС не може да го скрие вчерашното целодневно јавно бламирање. Ниедно соопштение за ниедна тема не може до го испере нивното бламирање на јавна сцена и непознавањето на состојбите на нивниот претседател, Венко Филипче по вчерашната прес-конференција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, излишни се коментарите за состојбите во економијата на оние кои што за седум години целосно ја уништија, а стандардот на граѓаните го срозија, доведувајќи над пола милион до просјачки стап со по 150 денари на ден.
„СДС да беа способни и да водеа правилни економски политики, немаше состојбата во државата да е таа што е, а нивната политичка елита дополнително збогатена на грбот на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија која ја предводи македонската Влада посветено работи на подобрување на економската состојба во државата и на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Тоа, пред се, се прави преку издржани и долготрајни решенија кои на долг рок ќе обезбедат економски развој и подобар живот за сите“.
Додаваат дека континуирано се преземаат итни мерки за зачувување на куповната моќ и стандардот на граѓаните, преку намалување на цените на прехранбените производи, меѓу кои последната е ограничување на маржите на над илјада производи.
„Во континуитет се зголемуваат платите и пензии, кои со исплата на мартовските пензии следи ново линеарно покачување од 2500 денари и покачување како на минималната платата, така и на платите во разни сектори како здравство, образование“, истакнуваат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

