Македонија
Владата потпиша меморандум за разбирање со Меѓународната организација за миграции

Дваесет години работа на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во Република Северна Македонија, денеска се одбележаа во просториите на Министерството за надворешни работи во присуство на владини претставници, дипломатскиот кор и други невладини организации.
На настанот со свој поздравен говор се обратија: Едмонд Адеми – министер без ресор, задолжен за дијаспора, Андреј Жерновски – заменик-министер за надворешни работи, Аргентина Сабадош, ИОМ, регионален директор за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија, Росана Дуджак – резидентен координатор на ОН и Питер ван дер Овараерт, ИОМ – субрегионален координатор за регионот на Западен Балкан, а Соња Божиновска, шеф на канцеларијата на ИОМ во Северна Македонија ги претстави активностите на канцеларијата на ИОМ во земјата.
Жерновски во својот говор истакна дека одржливо и трајно решение може да се постигне само преку јасно дефинирани и координирани активности спроведени со заеднички напори на сите земји и меѓународни организации.
„Имајќи ја предвид определбата на нашата држава за почитување на основните човекови права и слободи и нивната соодветна заштита, поделбата на одговорноста и недискриминацијата, очекуваме во иднина продлабочување на соработката преку давање соодветна помош од страна на Меѓународната организација за миграција во насока на стратешко и техничко имплементирање на резолуцијата за миграциската политика прифатена од Собранието на РСМ, како и во однос на подготовка и имплементацијата на нови стратегии и акциски планови за прашања поврзани за миграција, усогласувањето со стандардите во согласност со законодавството на ЕУ, понатамошна поддршка во јакнењето на техничките капацитети во овој контекст“, рече Жерновски.
Во рамките на настанот, од страна на министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, и регионалниот директор на ИОМ, Аргентина Сабадош, беше потпишан меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и ИОМ.
Со меморандумот се продлабочува соработката од областа на дијаспората, која ќе вклучува советодавна поддршка за развој на стратешките политики за дијаспората.
„Владата и јас како министер задолжен за дијаспора силно работиме за развој на политики и реализација на мерки и активности во насока на ангажирање на дијаспората. За нас, дијаспората е составен дел од оваа држава. Сметам дека преку овој меморандум соработката помеѓу Владата и ИОМ дополнително ќе се интензивира. Владата во ИОМ гледа силен партнер во областа на миграциите и дијаспората, а денес тоа партнерство со овој чин го официјализираме“, истакна Адеми.
Република Северна Македонија стана членка на Меѓународната организација за миграции во 2014 година, а претходно имаше статус на земја набљудувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.