Македонија
Владата формира нова безбедносна служба во замена за актуелната УБК
Во рамките на реформите во безбедносните служби, Владата на Северна Република Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи поднесе предлог-закон до Собранието за основање нова безбедносна служба, агенција за национална безбедност, како замена за Управата за безбедност и контраразузнавање, која досега беше синоним за недоверба кај граѓаните. Едно од значајните промени е тоа што новата агенција ќе остане владина структура, но надвор од МВР со цел да се избегне нејзина злоупотреба. Агенцијата, како што најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нема да има полициски овластувања. Таа се очекува да почне со работа од 1 јуни годинава.
„Точно е дефинирано на кој начин и кога ќе може да се прибираат информации, како и нивно чување и користење. Прибирањето информации ќе биде во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Секој граѓанин, лично за себе, ќе може да побара информација дали агенцијата презема некакви дејства кон него. Сакаме да се ослободиме од терминот тајна полиција. Во оваа држава повеќе нема да се прислушува неосновано“, рече Спасовски додавајќи дека сите информации што ќе бидат прибавени од страна на агенцијата нема да се користат како доказ пред судот, туку тие ќе се прибираат со цел заштитување на безбедноста.
Како што рече министерот Спасовски, поентата на реформите во безбедносните служби е нивна децентрализација, односно ниту една служба да не ги поседува сите информации. Во насока на ова Спасовски истакна дека нема да постои ниту една агенција што ќе ги собира сите информации, односно ниту една служба нема да знае што работи друга служба.
Налогот за прибирање информации од одредена личност ќе дава директорот на агенцијата за национална безбедност, но за тоа мора да го извести јавниот обвинител. Работата на агенцијата ќе биде во насока на контраразузнавање, контратероризам, пролиферација, корупција, како и повисоки форми на организиран криминал.
Агенцијата за национална безбедност ќе биде регулирана, односно ќе ѝ биде вршен надзор од повеќе државни институции, меѓу кои Врховниот суд, Собранието на СРМ, јавниот обвинител, народниот правобранител, Државниот завод за ревизија и Агенцијата за класифицирани информации. Во склоп на агенцијата, од страна на директорот ќе биде формирана и единица за внатрешна контрола по мислење на Собранието.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност ќе се избира од страна на Владата по предлог на премиерот на државата. Во однос на вработувањето во Агенцијата, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека ќе постојат строги критериуми, односно ќе биде формирана комисија, која ќе има задача да создаде профил на работните места и профил на вработените што треба да бидат ангажирани во службата.
Спасовски истакна дека припадниците на агенцијата претходно ќе бидат изложени на длабински безбедносни, психолошки и друг вид проверки по пракса воспоставена од НАТО и другите западни безбедносни служби. На прашањето дали вработените во УБК ќе бидат префрлени во новата агенција, министерот истакна дека доколку вработените ги поминат предвидените проверки, ќе бидат поставени во новата служба АНБ, а преостанатите ќе добијат отказ.
Со формирањето на новата безбедноста служба предвидено е и проширување на мрежата на соработници што ќе бидат ангажирани со соодветен паричен надомест за чија висина не сакаше да говори минстерот Спасовски.
Законот за агенцијата за национална безбедност ќе се носи со двотретинско мнозинство. Спасовски изјави дека во целиот процес на подготовка на нацрт-законот учествувале и членови од опозицските партии поради што очекува и поддршка за законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

