Македонија
Владата ја усвои Новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост
Владата ја усвои Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030, со Акциски план на Националната стратегија за 2023-2026 година, која што е креирана со исклучителна партиципативност на лицата со попреченост и нивните организации, а ќе се спроведува со мерки за сите институции и министерства кои се обврзаа во истата.
„Стратегијата е исклучително важна, бидејќи ги вклучува сите потреби на сите категории на лица со попреченост за кои тие парцијално се залагаа низ годините. Во стратегијата е прецизирано што се треба да се направи за лицата со попреченост, преку следење и реализирање на мерките и активностите во неа“, велат од Владата.
Оваа стратегија е дел од владината програма, а носител е Министерството за труд и социјална политика, со техничка поддршка на Германската агенција за меѓународен развој, со координација на владиното Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и техничко стручна поддршка на сите агенции на Обединетите Нации во земјава.
Во однос на спроведувањето на стратегијата, вклучени се скоро сите министерства и институции. Конкретно, министерствата за информатичко општество и администрација, за финансии, за правда, за локална самоуправа, за труд и социјална политика, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, за здравство, за економија, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, како и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, кои соодветно по периоди треба јасно да ги испланираат активностите и мерките во кои се носители и/или учесници, во Акцискиот план 2023-2026, како и навремено да ги обезбедат потребните ресурси (човечки, материјални и технички) за нивна имплементација.
За реализација на стратегијата Владата одобри средства во висина од 46 милиони евра.
Националната стратегија е подготвена со апсолутна партиципација на 27 организации на лицата со попреченост, сите агенции на ООН во државата и на Делегацијата на Европската Унија. Во подготовката и со свои предлози учествуваа, 31 државна институција, академската фела преку Факултет за специјална едукација Скопје, Правен факултет- Скопје, Државен универзитет во Тетово, Стопанската Комора на Република Северна Македонија. Во процесот активно беа вклучени сите Национални сојузи на инвалидски организации во државата, Здружението на родители на деца со попреченост „Ресурсен центар“, здруженијата на граѓани, „Во мојот свет“, „Отворете ги прозорците“, „Инклузива“ Куманово, „Полио Плус, „Хера“, Младинско здружение на глуви и наглуви „Млад Знак“, Доза Среќа, Институт за човекови права, Друштво за помош на лица со посебни потреби „Зрак“, Еурека Културен Центар, Куќа на среќа, Време е, Здружение на инвалиди „Шпреса“, ЗГ„Миресија“, Фондацијата „Чекор по чекор“, Избор Струмица, Македонско здружение на млади правници – МЗМП Скопје, Хелсиншки комитет, претставници од канцеларијата на Народниот правобранител и други.
Оваа стратегија е развиена согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, чие што мото е „Ништо за нас, без нас“. Потоа истата е комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.