Македонија
Владата ќе се слика за 36 илјади евра
Владата склучила договор за набавка на фотоопрема од над 2,2 милиони денари.
Договорот е склучен со фирмата „Пикс плус траде“ ДООЕЛ. Станува збор за набавка на опрема за секторот за односи со јавност кој работи на покривање настани во и надвор од Владата, а се поврзани со активностите на Владата со министерствата и на премиерот.
Во договорот потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, не пишува за каква фотоопрема станува збор.

Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, вели дека за оваа сума набавени се два фотоапарати и еден професионален рачен камкодер, мала стабилизирана камера, како и придружна опрема за истите.
Извори за „Макфакс“ тврдат дека станува збор за едни од најпрофесионалните фотоапарати каков што засега има само еден фоторепортер во земјава, а истиот чини околу 6 илјади евра.
За владината пиар-служба имаше големи реакции во јавноста уште од почетокот на нејзиното основање, со оглед на обемноста на кадарот, чија основна задача е да ги промовира владините политики. Дел фотографи и новинари од медиумите реагираа дека владината пиар-служба им го зема лебот, со оглед на тоа што Владата до медиумите испраќа готови, новинарски подготвени текстови и фотографии од настани, а со тоа се демотивираат редакциите да вработуваат фоторепортери и буквално чекаат на готово комплетно напишани текстови и фотографии од настани.
Фотографии од владините настани се објавуваат на „Фејсбук“, „Инстаграм“, Flickr, на веб-страницата на Владата, а се испраќаат и на електронската пошта на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, зголемен водостој на реките, расчистување на наноси: поради обилните дождови интервенирано на повеќе локации во државата, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие, поради обилните врнежи, екипите на Регионалните центри за управување со кризи интервенирале на повеќе критични локации низ државата, информираат од Центарот за управување со кризи.
На подрачјето на Битола биле ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и водостопанските компании за расчистување наноси и зајакнување насипи на повеќе делови од речните корита.
„Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај с. Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3.
Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај ул. Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали.
Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.
На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата“, соопшти ЦУК.
Македонија
(Видео) Николоски: Автопатот Прилеп – Битола го градиме со силна динамика
Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика и до 2028 година ќе го изградиме, напиша вицепремиерот Александар Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
„Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот, автопат од Прилеп до Битола до 2028 година“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Видео) „Јорданов се пишмани – Општина Штип ќе го продаде Дино паркот од 800.000 евра на приватен бизнисмен“, велат од партијата Левица
„Штипскиот Дино парк да падне во рацете на приватен бизнисмен преку јавно – приватно партнерство, односно да се издава под кирија и тоа на период од 15 години“, ваква Одлука изгласаа советниците од ДПМНЕ на седницата на Советот на Општина Штип, известуваат од партијата Левица.
Советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, изрази сомневање дека ова е однапред договорено сценарио, кое се чуваше во тајност за време на изборната кампања, со што советниците на Левица гласаа против ваквата одлука, иницирана и спроведена од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и советниците од власта, предводена од ДПМНЕ.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма – не може да ме убедите поинаку! Со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива Општината”, истакна советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, на советничката говорница.
Михајловски од Левица потенцираше дека помина само еден месец откако помпезно се отвори Дино паркот во Штип, непосредно во пресрет на Локалните избори. За Дино паркот се потрошија 800.000 евра.
„Освен што Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, во ниедна прилика тогаш не се спомена дека истиот ќе биде даден под наем. Наративот тогаш беше дека е наменет за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додаде советникот од Левица, Михајловски.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, посочи и дека е апсурдно што Општина Штип со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата, тврди дека не може да управува со објект што сама го изградила.
Од Општина Штип велат дека се одлучиле да го издадат Дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што Општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, праша Михајловски на советничката говорница.
Инаку, почетната цена на месечниот закуп за Дино паркот е 0,5 отсто од проценетата вредност или околу 4.000 евра (251.073 денари). Изградбата на Дино паркот ги чинеше граѓаните на Штип 50.214.600 денари од општинскиот буџет, додаваат од партијата Левица.

