Македонија
Владaта објави пораки од Мицкоски и Рашковски: „Мицкоски врши притисок врз институциите“
Владата соопшти дека опозицијата преку претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз институциите, а во врска со организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја.
Владата објави пораки преку апликацијата „Телеграм“ кои, наводно, се остварени помеѓу генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а во кои Мицкоски ги критикува владините активности за враќање на македонските граѓани од странство, директно обвинувајќи го Рашковски дека зема провизија од високата цена на летовите со кои се враќаат граѓаните дома.
„Владата на РСМ, во име на отчетноста и отвореноста која секојдневно ја применува во својата јавна комуникација, во целост ја објавува комуникацијата со која Христијан Мицкоски комуницирал со Драги Рашковски, како и сите информации, постапки и договори преку кои се врши организацијата на превозот за нашите граѓани од земјите во странство до Северна Македонија, транспортот од аеродромот до објект/хотел утврден како државен карантин и сместувањето во државниот карантин. Владата го повикува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамотна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале ЗА ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња“, велат од Владата преку соопштение до јавноста.




Од Владата во соопштението додаваат дека постапката за организација на превозот и државниот карантин на македонските граѓани се одвива согласно одлуки и уредби на Владата изгласани и од министерот за внатрешни работи кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а истата изгледа вака:
1. Летовите од земјите од кои доаѓаат нашите сограѓани до Северна Македонија ги реализира авио компанијата Визер, компанија избрана по критериумот најниска цена, а пријавена на јавните повици на Владата.
https://vlada.mk/node/20714
2. Секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. За пример, цена на летот од Минхен до Скопје изнесуваше околу 190 евра по патник. (во прилог договорот за организирање авионски превоз меѓу Владата и секој граѓанин кој го користи превозот).
Граѓаните кои се враќаат во земјава се контактирани од МНР ден претходно, при што ги добиваат сите информации во врска со превозот и со државниот карантин, вклучително и цената и условите за превозот.
3. При слетување на аеродромот во Скопје, за граѓаните е организиран автобуски превоз од овластен автобуски превозник избран на јавен повик, со автобуси кои ги дезинфицира сертифицирана компанија. Патниците при слетувањето добиваат информација кон кој нумериран автобус треба да се упатат и на која локација со обезбеден државен карантин ќе бидат превезени. Понатаму автобусите се обезбедени со полициска придружба, а возачите се со скафандери и заштитна опрема. На повикот за оператор кој ќе обезбеди автобуски превоз за граѓаните од аеродромот до државните карантини, единствен понудувач беше компанијата „Вардар експрес”, компанија која ги исполни условите да располага со 20 автобуси во ист момент, имајќи предвид дека при слетување на два авиони во исто време, тоа е потребната бројка на превозни средства за вкупниот можен број на патници.
4. Македонските граѓани сместени во државни карантини ги користат капацитетите на објекти/хотели кои се пријавиле на јавниот повик на Владата (https://vlada.mk/node/20642). Станува збор за обезбеден капацитет од 2104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се околу 1.200 легла.
Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

