Македонија
Владата: Набавката на возила не е луксузирање, направени се заштеди
Владата соопшти дека набавката на нови возила се одвивала јавно, а државата месечно ќе заштеди повеќе од 700 евра од возило во споредба со цената на автомобилите набавени во 2015 и 2012 година.
„Потребата од набавка на нови возила (преку оперативен лизинг или деловен закуп) произлегува од фактот што во септември 2018 истекува 3-годишниот договор за изнајмување моторни возила по пат на оперативен лизинг што бил склучен на 9.9.2015 година. Преку оперативниот лизинг и преку условите на оваа набавка се намалува висината на месечните рати, се избегнуваат дополнителни трошоци за одржување и се обезбедува сериозна заштеда во буџетот. Имено, сега месечната рата за едно возило е помала за 1.200 денари или вкупна заштеда над 700 евра од возило во споредба со набавките на возила во 2015 и 2012 година кога за еден автомобил државата месечно плаќала по 68.738 денари“, се вели во соопштението на Владата.
Дополнително, како што велат, со оваа набавка се избегнува каков било дополнителен трошок во врска со одржувањето на возилата.
„Со месечната рата за лизингот се покриени сите трошоци и државата нема да потроши ниту еден дополнителен денар за зелени картони, за каско-осигурување, за издавање полномошно, за промена на гуми и за редовен сервис, трошоци што се неизбежни за секое возило. Потенцираме дека постапката за повеќегодишна јавна набавка на 45 возила се одвиваше јавно. Тендерот, на кој имаа право да се пријават сите заинтересирани автомобилски компании, беше отворен еден и пол месец. Исто така, по завршувањето на рокот, фирмите имаа можност во период од 5 дена да поднесуваат приговори и забелешки за целокупната постапка“, соопшти Владата.
Оттаму истакнуваат дека спецификацијата за возилата што беше наведена во тендерот е идентична со спецификацијата во претходните две вакви јавни набавки во 2015 и 2012 година.
„Потенцираме дека не станува збор за луксузирање, туку за исполнување минимум безбедносни стандарди што треба да ги има секое возило и кои беа обезбедувани и во претходните години.
Разликата во цената е дотолку поголема имајќи предвид дека сега се набавуваат возила понови за 3, односно за 6 години, а имаат и дополнителна опрема“, се вели во соопштението на Владата.
Наведуваат дека право на користење патничко моторно возило, меѓу другите, имаат и претседателот на Македонија, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, поранешниот претседател на Владата, поранешниот претседател на Македонија, потпретседателите на Собранието, замениците на претседателот на Владата и министрите во Владата. Некои од возилата, како што соопштија, ќе се користат и за превоз за протоколарни и репрезентативни потреби, како и за извршување службени работи за министерствата, секретаријатите и другите органи на државната управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

