Македонија
Влада: Секој што ги повикува граѓаните на насилство има одговорност
Владата преку соопштение ги осуди насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои, како што велат, имаат цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата.
„Владата категорично, во согласност со овластувањата и законите, ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност. Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржувањето на референдумот што следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина, без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите што се шират преку социјалните мрежи“, се вели во соопштението на Владата.
Оттаму порачуваат сите политички субјекти што постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност.
„Секој што ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична во согласност со Кривичниот законик. Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството се штетен концепт и не се избор на граѓаните на Република Македонија. Граѓаните на нашата земја избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оние на 27 април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани“, додава Владата.
Понатаму, во соопштението се додава дека конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји за Владата е почетокот на реалната и целосна интеграција на Македонија, најпрвин во НАТО, а потоа и во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

