Македонија
Владина делегација изврши увид во изградбата на енергетски ефикасна градинка во Волково

Увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Волково, општина Ѓорче Петров, денеска извршија премиерот Оливер Спасовски, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Премиерот Спасовски посочи дека во изминатите три години Владата, во соработка со локалните самоуправи, спровела стотици проекти од најнепосреден интерес за граѓаните.
„И во време на оваа криза со Ковид-19, инвестициите во инфраструктурата продолжуваат. Тоа ја прави сосема видлива разликата од претходниот период. Градежните работи на објектот стартуваа на почетокот во февруари, и по 18 месеци, кога ќе биде готова, градинката ќе прими 175 деца. Според проектот, станува збор за современа градинка, енергетски штедлив објект по сите стандарди. Градењето на овој капитален проект се движи со одлично темпо и според динамиката предвидено е да се заврши во предвидениот рок. Секое дете заслужува шанса за правилен детски развој и заштита“, кажа Спасовски.
Тој истакна дека во изминатиот период е инвестирано во 44 градинки и објекти за ран детски развој.
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, објасни дека градинката во Волково ќе биде една од најсовремените градинки кај нас.
„Вкупната инвестиција е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика заедно со Светска банка“, посочи Бајрактар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За да нема чадење од Вардариште треба да се најде пристоен дом за над 200 луѓе кои живеат среде депонијата, а некои од нив потпалуваат, вели Тошковски

Во решавање на проблемот со депонијата Вардариште треба да се вклучат сите институции, да им најде соодветен дом на луѓето кои живеат среде ѓубрето и просторот да се исчисти. Вака министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски смета дека треба да се разреши проблемот оти Министерството не може во овој момент строго да го ограничи излезот и влезот на депонијата оти таа им е живеалиште на над 200 луѓе.
„За Вардариште, на жалост во рамки на онаа дива депонија која што ја имаме живеат некаде над 200 луѓе. Во депонијата, во среде депонија живеат над 200 луѓе. Замислете. Страшно е ова. Страшно е од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата кои што ги имаме таму се сторени од дел од тие луѓе. Од мал дел од тие луѓе кои што живеат таму. Ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиштето кое што го имаат. Ние не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и да излегуваат од оној периметар кој што го имаме“, рече министерот тошковски.
И денес Тошковски потсети дека проблемот се таложел со години и нагласи дека не може да се реши преку ноќ, за една – две недели ниту пак месец- два оти бара поширок институционален пристап.
„Таму треба системско решение. На тие луѓе треба да им се најде место за живеење, соодветно. Тие луѓе треба да бидат дислоцирани од таму, тој простор треба соодветно да се исчисти. Оној отпад што ќе се подигне од таму да се однесе на друга соодветна локација за таков тип на отпад. Потоа да се даде во надлежност на оние кои треба, тоа не е надлежност на МВР. Овде треба еден поширок институционален пристап, темелен. На жалост тоа не можеме да го направиме за недела две, месец-два за трајно да го решиме не само проблемот со Вардариште туку со сите депонии. Но пак ќе повторам, првично таму живеат повеќе од 200 луѓе во рамки на таа депонија. Додека не се реши што ќе правиме со тие луѓе, каде да се дислоцираат тие луѓе, како да им се помогне на тие луѓе за пристоен дом, таму овој проблем што го имаме секогаш ќе се појавува“, вели министерот Тошковски.
Тој повика не само институциите туку и секој граѓанин да даде придонес за побезбедна Македонија и кажа дека во решавање на проблемот со палењето на депониите се вклучени не само сите капацитет на МВР туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност и максимално се инстензивирани набљудувачките системи кои ги имаат.
Македонија
(Видео) „Дуото Апасиев – Мециновиќ си пикнало во џебот милиони од Левицата, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари“, вели Манасиевски

„Дуото Апасиев-Мециновиќ си пикнало во џеб милиони од Левица, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари. Глумците Апасиев и Мециновиќ кои се претставуваат за скромни и чесни луѓе пред граѓаните, се само обични лицемери и луѓе кои свртеле милионски суми во своите џебови од сопствената партија“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието во Левица е огромно. Говорат дека се работничка партија и молат за донации, за потоа од истите луѓе кои им ги донираат овие средства, истите да си ги поделат 2-3 од врвот на Левица.
Но, тоа не на зачудува од вакво тип на лицемерни и дволични политичари, кои денес зборат и прават едно, утре друго.
Вакви луѓе кои немаат визија, немаат идеа, и немаат ниту едно решение за ниту еден проблем, туку знаат само да лажат и манипулираат во јавноста, се прочитани од народот. Апасиев, Мециновиќ и Левица се демаскирани“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.
Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот, извести Министерството за култура.
Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветление, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали и во ентериерот и во екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.
Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот клуч на рака. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала ќе биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра, соопшти Министерството за култура.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата за 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.