Македонија
Владина делегација положи свежо цвеќе на споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Делегација на Владата, предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ, во придружба на министерот за правда, Никола Тупанчевски, и заменик министерот за правда, Агим Нухиу, денеска, по повод годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, положи свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот.
Годинава се одбележуваат 59 години од катастрофалниот земјотрес што се случи во Скопје на 26 јули 1963 година. Во земјотресот загинаа 1.070 лица, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без своите домови.
Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите што со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата.
Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието на Република Северна Македонија и од канцеларијата на претседателот на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).