Македонија
Владина делегација положи цвеќе по повод 108-годишнината од раѓањето на Св. Мајка Тереза
Во рамки на Традиционалната манифестација ,,Денови на Св. Мајка Тереза” (26 август-5 септември), делегација на Владата на Република Македонија, денеска, по повод одбележувањето на 108 години од раѓањето на Мајка Тереза, положи свежо цвеќе на Спомен плочата на местото на нејзината родна куќа, како и на споменикот и нејзиното светилиште во Феудалната кула во Скопје.

Владината делегација, во состав заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, Националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, и советникот на Претседателот на Владата, Христијан Ѓоргиевски, присуствуваше и на свеченото доделување на државната награда ,,Мајка Тереза”, кое се одржа во Собранието.
Оваа награда, се доделува за особено значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Светицата Мајка Тереза, родена како Гонџа Бојаџиу во Скопје, во 1910 година, е симбол на милосрдието, хуманоста и солидарноста, и нејзината посветеност да им помага на луѓето без разлика на нивната национална, етничка или религиска припадност останува вечна порака за меѓусебно помагање и обединување на сите граѓани.
Таа, како дел од редот ,,Мисионерки на љубовта кон ближниот”, кој го основала во 1949 се грижела за деца без родители и болни лица, и денеска овој ред, кој ја продолжува нејзината мисија, брои над 5.000 членови во повеќе од 100 земји.
Во текот на својот живот, Мајка Тереза, за својата хуманитарна работа, има добиено повеќе од 700 награди и е единствената Нобеловка од нашата земја, која ја прими наградата за мир во 1979 година во норвешката метропола, Осло.
Мајка Тереза беше прогласена за светица од Папата Францискo во 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

