Македонија
Владина делегација предводена од вицепремиерот Маричиќ положи цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот
Делегација на Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, во придружба на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерот за образование, Агим Нухиу, денеска, по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот на гробиштата „Бутел“.
Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес кој се случи во Скопје на 26 јули 1963 година. Во земјотресот градот загуби многу сограѓани, претрпе ненадоместлива штета, но ја извојува битката со најголемата природна катастрофа.
На денешен ден оддаваме должна почит кон жртвите во земјотресот и им изразуваме огромна благодарност на сите од целиот свет, кои помогнаа градот повторно да биде обновен и да заживее со нов лик. Скопје стана град на солидарноста, препознатлив по тоа што ги обедини светските пораки на сочувство и споделување со болката и загубата на нашите сограѓани.
Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и претседателот на Република Северна Македонија, делегации од Собранието на Република Северна Македонија и од Градот Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.
По повод 26 јули, денот на сеќавањето на катастрофалниот земјотрес, Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија денеска организираат мултимедијална програма симболично со наслов „Скопје во пет и седумнаесет“, со која преку низа културни настани ќе се одбележат спомените на последиците од катастрофалниот земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.