Македонија
Власта предлага СЈО да се интегрира во Обвинителството за гонење организиран криминал и да го води Русковска

Владата ќе достави нов предлог-закон за Јавното обвинителство според кој специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а ќе го води шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска, соопшти премиерот Зоран Заев.
Тој најави дека законот ќе содржи дел од точките што се по барање на опозицијата и очекува поддршка од повеќето пратеници.
„Не наидовме на искрен пристап. Од ВМРО-ДПМНЕ се соочивме со неразумни барања за Јавното обвинителство и максималистички барања. Го наметнаа прашањето дали Мицкоски искрено се залага за европска иднина, владеење на правото и расчистување на криминалот. Ние докажавме дека криминалот не штити партиски бои“, рече Заев.
Со предлог-законот СЈО се интегрира во ЈО за гонење организиран криминал и корупција и ќе добие нов назив – обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Ќе има самостојност како СЈО што ја има сега, но ќе биде под Јавното обвинителство. Ќе го води Вилма Русковска, а сите обвинители од СЈО ќе продолжат со работа во обвинителството, со право на реизбор како другите обвинители.
Случаите пред судот ќе продолжи да ги застапува новото обвинителство. Архивата, средствата и опремата од СЈО ќе се префрлат во ЈО.
Според предлогот на Владата, клучна гаранција за самостојност ќе биде финансиската независност со предлог-буџет на шефот на ова обвинителство.
Првиот човек на обвинителството ќе се разрешува со 2/3 мнозинство во Советот на обвинителите.
Заев ги повика сите пратеници да го поддржат предлогот и да ги надминат партиските интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ го впери прстот кон ВМРО-ДПМНЕ за депониите кои го трујат Скопје

Од СДСМ обвинија дека на Скопје и на половина Македонија им се заканува еколошка катастрофа поради тоа што, како што велат, четири години ВМРО-ДПМНЕ не презеле ништо за депониите.
„Секојдневно стотици илјади граѓани се под закана од канцерогени материи, затоа што неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ дозволи дивите депонии да станат еколошки бомби“, посочуваат од партијата.
Тие додаваат дека „ветуваа чистење и решенија, а резултатот е задушен град и огромен ризик по здравјето на скопјани“.
„Орце Ѓорѓиевски нели е претседател на ЗЕЛС – зошто се крие? Треба да престане да бега и да им каже на граѓаните зошто четири години не е решена депонијата Вардариште, зошто не е решена Дрисла, зошто ништо не е направено?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Шабан Салиу објави кандидатура за градоначалник на Шуто Оризари

Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја промовираше својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина,“ порача Салиу во неговиот говор пред жителите на општина Шуто Оризари.
Салиу најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, LED осветлување и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над глава.
„Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу наајави и формирање на мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање на Фонд за поддршка на ранливите семејства.
Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.