Македонија
Власта предлага членовите на АВМУ и МРТВ да се бираат со 61 пратеник, опозицијата бара 2/3 мнозинство
Група пратеници од владејачкото мнозинство предложи измени на законот кои се однесуват на изборот на членовите на Програмскиот севис на МРТВ и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги да се донесат со 61 пратеник по скратена постапка, наспроти двотретинско мнозинство, односно 80 гласа, како во постоечкиот закон.
На овој начин власта сака да го забрза процесот за избор на членовите во двете тела кој заглави повеќе од година и половина кај Собраниската комисија за избори и именувања, уште во 2019 година кога власта и опозицијата не можеа да се усогласат како да се направи тој избор.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска бурно реагира на предлогот и вели дека нема да прифати ваков предлог, со кој, според нив, се политизира јавниот сервис и регулаторното тело. На денешната седница тие побараа да се тргне точката од дневниот ред да се гласа со 2/3 мнозинство и бадентер, но барањето не беше прифатено и пратениците ја изгласаа потребата од носење на измените на законското решение.
Власта во неколку наврати потенцираше дека процесот околу поставување нови раководни кадри во Програмскиот сервис на МРТВ и на Советот на АВМУ е приоритетен, но не успеа тоа да го стори бидејќи двете страни не можеа да најдат заедничко решение во кое свое учество требаше да има и опозицијата. Извори блиски до ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека опозицијата барала одреден број од членовите да бидат луѓе кои се блиски до нивните политики, што за владејачкото мнозинство не било прифатливо. Инаку во Програмскиот совет на МРТВ треба да се изберат членови кои се од редот на експертите од медиумската фела, а оваа забелешка беше нотирана и во извештајот на Прибе.
Засега ВМРО-ДПМНЕ нема најава дали овој закон ќе го блокира и на кој начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

