Македонија
Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов на Деновите на Свети Кирил во Рим
Вчера во Палата Брачи на Музејот во Рим, во рамки на програмата на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, се одржа заедничка културно – уметничка програма од страна на Mинистерствата за култура на Република Македонија и Република Бугарија, на која настапија музичките уметници со светско реноме, Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов.
На настанот, на кој присуствуваа и министерот за култура на Република Бугарија, Боил Банов, митрополитите на МПЦ Пимен, Јосиф, бискупот Зоран Стојанов и други видни гости, пред присутните се обрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој го истакна неговото задоволство што со автентичниот концерт на добрите пријатели и светски музичари Влатко Стефановски и Теодoсиј Спасов, го празнуваме Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј и на тој начин се поклонуваме пред нивното грандиозно дело.
„Нашата земја, речиси пет децении преку манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил” е дел од глобалното одбележување на неуморната работа на словенските просветители, кои преку својата мисија го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато духовно наследство за човештвото. Годинава, задоволството на традиционалното празнување во Рим за нашата земја е уште поголемо, зашто го одбележуваме овој ден заедно со нашите пријатели од Република Бугарија, на највисоко институционално ниво. И низ ова заедничко чествување, ја демонстрираме нашата недвосмислена определба за унапредување на добрососедските односи, продлабочување и интензивирање на соработката во културата и во сите други области. Верувам дека владите на двете пријателски земји ќе продолжат заеднички се залагаат за прогресивни општествени процеси кои ќе обезбедат рамноправни европски перспективи за целиот регион“, нагласи Алаѓозовски.
Тој изрази убедување дека и покрај предизвиците во регионот, како и глобалната политичка слика која станува се посложена и претставува предизвик за целото човештво, Македонија и Бугарија, нашите народи, нашите уметници и културни работници, во духот на заедничките светли традиции и богатото културно наследство, ќе бидат достојни на овие предизвици и ќе работат посветено на градење на поубава, заедничка иднина и просперитет за сите наши граѓани, во Европа од 21 век.
„Манифестацијата за одбележување на Денот на Св. Кирил, токму во Рим, е уште една потврда дека културната и религиската разноликост се вистинско богатство и предност на секоја земја.Тие се извор на голем креативен потенцијал и мост на меѓусебно разбирање и почитување. Затоа, нашите напори се и ќе бидат насочени кон воспоставување на вистински културен дијалог, во нашата земја, во регионот а и пошироко, преку кој ќе го сочуваме мирот и стабилноста, ќе ги следиме највисоките идеали на современиот свет и ќе ја испратиме пораката дека Македонија ѝ припаѓа на модерна Европа и е нераскинлив дел од европското семејство“, рече Алаѓозовски.
Според македонскиот министер за култура, Владата и Министерството продолжуваат со политиките на поддршка, заштита и негување на непроценливото културно и духовно наследство што го имаме, како и со поддршка на високите вредности во уметноста и нивна афирмација во светот. Културата не познава граници, рече Алаѓозовски, токму затоа што големите и вистински уметници во практика ги применуваат политиките за културен дијалог и зближување меѓу народите, претворајќи се себеси и нивните дела во мостови за меѓусебно разбирање и комуницирање и платформи за изградба на нови, заеднички културни и естетски вредности.
„Вечерва, во духовното средиште на светската култура и цивилизација, пред нас ги имаме виртуозите Стефановски-Спасов, кои посветија голем дел од нивното творештво градејќи такви мостови на соработка, врвни артисти кои постојано ја истражуваат, ја надополнуваат и ја збогатуваат музичката традиција на двете земји, создавајќи нова богата музичка слика која во светот го проектира духовното богатство на регионот“, истакна Алаѓозовски.
Инаку, во текот на вчерашниот ден, македонската делегација предводена од Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, оствари средба со Папата Франциск и со државниот секретар Пјетро Паролин, во Светата Столица во Рим. На средбата Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Папата Франциск разговараа за длабоко вкоренетата традиција на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања и негување на верските слободи во Република Македонија. Посебно внимание во разговорот со Папата Франциск Премиерот Заев, посвети на градењето и негувањето на темелна определба на Република Македонија – Едно општество за сите.
Ден претходно, владини делегации на Македонија и Бугарија, предводени од премиерите Заев и Борисов учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим. Со црковната служба на македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, началствуваше Митрополит Европски Пимен, во сослужение со Митрополит Кумановски и осоговски Јосиф, и Митрополит Тетовски и гостиварски Јосиф. Митрополитот Европски Пимен, после црковната служба одржа беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.


