Македонија
ВЛЕН: Ги насочуваме странските инвестиции кон нашата земја
Претставникот на ВЛЕН, во својство на министер за европски прашања, Орхан Муртезани, во последните денови престојуваше во Јапонија каде што оствари плодни средби со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и важни личности и бизнисмени во Јапонија. Ваквите средби означуваат важен момент во нашите билатерални односи со Јапонија, извести ВЛЕН.
„Соработката со JICA има долга и консолидирана историја што вклучува децении пријателство и конкретна солидарност. До денес, Јапонија инвестираше над 421 милион долари во клучни проекти за развој на Северна Македонија. Овие инвестиции вклучуваат витални сектори како што се здравството, заштитата на животната средина и поддршката на малите и средни претпријатија – носејќи опипливи придобивки за нашите граѓани и економијата на нашата земја.
За време на дискусијата, беше нагласена важноста од отворањето канцеларија на JICA во Северна Македонија, иницијатива што ќе ја интензивира координацијата, ќе ја зајакне институционалната соработка и ќе го олесни спроведувањето на нови проекти на терен. Физичкото присуство на JICA во Скопје би донело нов ритам во нашата соработка и би послужило како точка на контакт за долгорочни проекти.
Гледајќи кон 2025 година и понатаму, ја потврдивме нашата посветеност да продолжиме со нови иницијативи во областа на туризмот за мали и средни претпријатија, со што ќе го зајакнеме локалниот економски развој и ќе изградиме поодржлив модел на развој.
Партнерствата како она со Јапонија не се само изолирани проекти, туку дел од сеопфатен пристап насочен кон зголемување на институционалните капацитети и подобрување на животот на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори, бара ЛДП
По информацијата на Владата дека наредната недела ќе назначи повереници во општините кои поради немање цензус не успеаја да изберат градоначалници, Либерално-демократската партија (ЛДП) ја информира јавноста дека ќе бара да се измени Изборниот законик.
Измените во Изборниот законик кои ќе ги предложи ЛДП се однесуваат на тоа владините повереници да не можат да се кандидираат на повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Овие измени ЛДП ќе ги предложи за да нема никој нефер предност пред останатите кандидати за градоначалници, но и да се намали можноста за евентуални злоупотреби и несовесни работења на поверениците во периодот додека не се одржат повторените избори.
Оваа предлог мерка доаѓа по прифаќањето на предлогот на ЛДП за враќање на референдумското отповикување на градоначалници во Законот за локална самоуправа, кој веќе се наоѓа во Собранието и со кој после 30 години од укинувањето на референдумот, ќе се стави крај на заштитата на неефикасните и нетранспарентни функционери.
Доколку се усвојат и измените на Изборниот законик и се воведе ограничувањето за поверениците да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторните избори во четирите општини кои не обезбедија цензус во првиот круг, ќе се овозможат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од било какви сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија, велат од ЛДП.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.

