Македонија
ВЛЕН: ДУИ е приватна партија на тазе богаташи

ДУИ ја губи поддршката меѓу граѓаните. Од избори на избори, ДУИ бележи континуирано намалување на бројот на пратеници и градоначалници. Граѓаните на секои избори сѐ појасно ја испраќаат пораката дека не сакаат повеќе да бидат управувани од корумпирана и истрошена структура. Наместо доверба, ДУИ се соочува со масовно разочарување и гнев кај своето гласачко тело, реагираат од ВЛЕН на обвинувањата од ДУИ.
„ДУИ е скоро без кандидати во албанските средини. На овие локални избори, ДУИ нема свои кандидати во најголем дел од општините каде што Албанците се во огромно мнозинство – Гостивар, Струга, Сарај, Дебар, Врапчиште и многу други. Тие целосно се повлекоа од местата што се симбол на албанското политичко организирање. Таму каде што сѐ уште имаат кандидати, и самите знаат дека ќе изгубат. Ова е најјасниот доказ за длабоката политичка криза во која западна оваа партија.
Се намалуваат и коалициските партнери. ДУИ некогаш се претставуваше како фактор на обединување. Денес е напуштена од речиси сите сериозни коалициски партнери. Секојдневно политички партии и поединци ја напуштаат нивната коалиција, разобличувајќи ги погрешните политики и коруптивните практики на раководството на Али Ахмети. Со ДУИ останаа Данела Арсовска, Левица и неколку поткупени албански политичари“, велат од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ е претворена во приватен бизнис и повеќе не е политичка партија, туку приватен бизнис на мал број луѓе од врвот на раководството.
„Тие изградија сопственички империи во енергетскиот сектор, трговијата, нафтениот бизнис, градежништвото и недвижностите. Политичките позиции се користеа за лично збогатување, додека граѓаните остануваа без решенија за своите проблеми. Со оваа партија останаа само оние што се уценети или потплатени. Народот веќе подолго време ја казнува ДУИ. Изборите се најверодостоен репер за политичката сила. На претстојните локални избори ДУИ нема да освои ниту една значајна општина. Нивната линија на политички пад трае со години и тоа е неповратен процес. Граѓаните, и особено Албанците, конечно ја препознаа вистината: дека ДУИ не е алатка за развој и еднаквост, туку пречка и товар за нивниот напредок“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.