Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако СДС се против фашистичкиот клуб Цар Борис, нека го поддржат нашиот предлог закон

Ако СДС се против фашистичкиот клуб Цар Борис, зошто им смета законското регулирање, нека го поддржат предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека законското решение на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи и регулирање на постоечките клубови со цел промена на фашистичките имиња.
„ Ако СДС е против клубовите со фашистички имиња, тогаш нека го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. СДС всушност дозволи да се отворат клубовите и не направи ништо тоа да се спречи. Власта е виновна и за политиката на асимилација и негација на Македонија која е резултат на политиките на самата СДС.
Изјавите на Заев дека македонскиот и бугарскиот јазик и народ се исти, се изјави кои долгорочно ги поткопаа македонските позиции. Тие иако целосно неточни, ги подгреаја апетитите на шовинистички кругови и ја заострија нивната реторика. Политиките на СДС и нанесоа трајна штета на државата“ обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ОПМ: Треба алатка за споредување на цените на производите за граѓаните да знаат каде можат да ги купат поевтино, објавените списоци не се доволни

По објавувањето на списоците со цени на сите производи во маркетите, неопходно е да се направи нова алатка која на потрошувачите ќе им овозможи да ги споредуваат цените на исти производи во различни маркети за да откријат каде им е најевтино да пазаруваат. Ваков став има претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова. Кај нив засега нема поплаки од граѓани за непрегледно објавените цени на производите во маркетите но сметаа дека начинот на кој цените на производите сега се објавени е збунувачки.
„Ако некој има намера да купи пет или шест производи треба во сите тие списоци на производи што ги објавуваат да ги бара баш тие производи, да оди од маркет во маркет онлајн за да може да ги најде. Кога би имале една компаративна алатка тоа би одело многу брзо. Сега со вештачката интелигенција би можело и побрзо да се развие, да биде онлајн и да биде унифицирано. Сега не е унифицирано. Немаме по групи на производи па по видови и така натаму, секаде е различно и луѓето немаат ни време ни можност да споредуваат. Инаку идејата е добра ама треба таа идеја уште да се разработи. Кај нас има проблем што идеите ќе се дадат, се ќе биде добро меѓутоа не се развиваат, ова не е готово, ова е само почеток. Треба да се направи една алатка за компаративна споредба на производите каде може да се купат поевтино, а трговците да имаат меѓусебна конкуренција“, рече Лончар – Велкова одговарајќи на новинарски прашања за време на експерсткиот форум во рамки на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески засега не може да каже дали објавените цени се прегледни или не и најави дека тоа ќе го сублимираат еден месец по имплементацијата на законската обврска за објава на цените а производите.
„Можеби ќе одиме на една генерална и општа веб-страница која ќе биде понудена понатаму или збирна информација која ќе дава подобри резултати за да можат граѓаните транспарентно да ги контролираат цените, онаму каде што ќе купуваат“, рече заменик-министерот Ристески.
Трговците добија законска обврска на веб-страниците да ги обавуваат цените на сите производи што ги нудат од 18 април оваа година, а мерката ја предложи лично премиерот Христијан Мицкоски за са се заузда неконтролираниот раст на цените.
Македонија
За 1 мај локален краткотраен дожд

Времето за 1 мај, четврток, ќе биде претежно сончево со услови за краткотраен локален дожд и грмежи, информира УХРМ.
Утре ќе се задржи сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност.
Во четврток попладне и во петок ќе има услови за локален краткотраен дожд и ретки грмежи.
Ќе дува умерен северен ветер. Во деновите од викендот ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност, а од почетокот на следната седмица се очекуваат повремени
врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Минчев ја истакна важноста од носење закон за организација и работа на органите на државната управа

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари средба со претставници на СИГМА, заедничка иницијатива на ОЕЦД и Европската унија, која обезбедува стручна поддршка за реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан и пошироко.
На средбата се разговараше за тековните и идните активности во областа на јавната администрација, со посебен фокус на модернизацијата и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев ги презентираше клучните реформски приоритети на Министерството, особено истакнувајќи ја важноста на креирањето и носењето на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), како основа за поефикасна, поусогласена и одговорна јавна администрација.
Претставниците на СИГМА ја поздравија определбата на Министерството кон суштински реформи и ја истакнаа силната поддршка за донесувањето и имплементацијата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, нагласувајќи дека овој закон претставува клучна алатка за обезбедување на функционална, деполитизирана и транспарентна државна управа, во согласност со европските стандарди.
Средбата заврши со заедничка посветеност за продолжување на соработката и координирана работа во насока на градење современа и граѓански ориентирана јавна администрација, како дел од европскиот пат на Република Македонија.