Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска веќе нема никаква врска со ВМРО-ДПМНЕ, на здравје коалицијата со антимакедонскиот и дезертерски СДС, кој ѝ плаќа билборди
Арсовска веќе нема никаква врска со ВМРО-ДПМНЕ, на здравје коалиција со антимакедонскиот и дезертерски СДС, кој ѝ плаќа билборди и спотови, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС ги плаќа билбордите и видеата на Арсовска, коалиција дезертерска темелена на уцени и бизнис-интереси. Не поминаа неколку дена, се покажаа вистинските мотиви на Арсовска, тајните средби со дезертерот Ковачевски и Зечевиќ имаат ефект, тие ѝ ги плаќаат билбордите низ Скопје за политичка пропаганда.
Арсовска, наместо да работи, се занимава со политиканство, одработува затоа што е уценета. Арсовска свесно го загрози проектот за пречистителна станица на реката Вардар. Таа спротивно од препораките и правилата на ЕИБ и ЕБОР сакаше да менува комисија во тек на постапка.
Поради Арсовска, загрозен е проектот за пречистителна станица за Скопје, а намалена е и довербата во Градот како институција во очите на странските кредитори и даватели на грантови. И наместо да се фати за работа, Арсовска во коалиција со СДС смислува кампања и се фрлаат народни пари за билборди и спотови во ек на криза.
Народот го гледа лицемерството на СДС и на Арсовска и тоа ќе го казни“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

