Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за масакрот на дивите свињи во „Јасен“
СДСМ не знае да стопанисува со природните ресурси и подрачјата од државен интерес. Масакрот на 57 диви свињи на подрачјето на резерватот „Јасен“ во време на ловостој и размножување е пример за аздисаноста на оваа власт, изјави на прес-конференција Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Недозволив е масакрот на 57 диви свињи во сезона на размножување. Управата на ЈП ‘Јасе’“ и Зечевиќ не смеат да бегаат од одговорност. Управата на ЈП ‘Јасен’ и директорот Новица Зечевиќ мора да понесат одговорност за овој масакр. Недозволиво и непромислено е однесувањето на управата на ЈП ‘Јасен’ со природните ресурси и животинскиот потенцијал на ловиштето.
Недозволиво е масакрот да се прикрива под превезот на санитарен лов. Скандалозна е изјавата на Зечевиќ дадена во медиумите дека се работи за санитарен лов, а од оваа слика јасно се гледа дека дивечот го ловеле комерцијални ловџии. Не може да биде санитарен лов масакр на 57 диви свињи, меѓу кои и 20-тина трофејни свињи“, порача Нацев.
Додаде дека санитарен лов не се врши од страна на комерцијални ловџии, туку од страна на самото претпријатие на строго претходно утврден број на единки. Нацев вели, не може овој лов да се претставува како санитарен лов и со тоа покрај самиот масакр, кој е недозволив, да се нанесува директно материјална штета на државата, односно ЈП „Јасен“ да се оштетува за десетици илјади евра со неплаќање за отстрелот.
„Управата на ЈП ‘Јасен’ и Зечевиќ мора да дадат одговори. Граѓаните имаат право да знаат.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува ОЈО да преземе мерки по допрен глас и да ја утврди фактичката состојба, законските прекршувања и сторените кривични дела по Законот за ловство, евентуално сторените дела од областа на финансискиот криминал и други злоупотреби направени од оваа неодговорна власт“, смета опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

