Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Битиќи избегнува одговорност, паника наместо отчет
СДС немаат ни план ни визија. Единственото што го имаат во последно време е паника, која ја манифестираат преку постојано мрморење, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако толку добро знаеле што треба да се направи, зошто не го направија тоа кога беа на власт? Или беа зафатени со патувања, луксуз и сликање во авиони, а сега одеднаш „паметни“. ВМРО-ДПМНЕ ги гледа големите прашања. Проектите што се започнати не се само ветувања-тие се конкретни чекори кон подобрување на животот на граѓаните. Најгласниот, а воедно и најнервозен „експерт“ Битиќи треба да научи дека државните институции не се место за ароганција и некомпетентност. Неговата нервоза нема да го спаси од одговорноста. Битиќи добро знае како се одвивал начинот на пресметка на активните и пасивните саати во здравствениот сектор. Низата нерегуларности што излегоа на виделина не се случајни. Сите кои беа дел од оваа шема на незаконски пресметки и нерегуларности, ќе бидат соочени со одговорност“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата на Мицкоски, здравството е свето и ВМРО-ДПМНЕ става точка на расипаните практики и конечно воведува ред во системот.
„Народот бара отчет, ВМРО-ДПМНЕ ќе се погрижи да го добие. Ревизијата нема да заобиколи никого, и секој што го злоупотребил народниот труд ќе одговара. Времето на манипулации и празни зборови на СДС заврши. Сега зборуваат фактите, а фактите се на страната на ВМРО-ДПМНЕ“, истакнуваат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.
Македонија
Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.
Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.
„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.
Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.
„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.
Во обраќањето, обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.
Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.

