Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Борбата не престанува со еден историски чин, тоа е процес кој продолжува
Илинден е денот кога го празнуваме непокорот и ја славиме победата, но истовремено им оддаваме и почит на сите оние кои без разлика на нивната вера, припадност и убедување го дадоа животот за слободна и независна Република Македонија.
Денес со гордост се сеќаваме на делата на Илинденците од двете славни епопеи од 1903 и од 1944 година. Нашиот народ на ден Илинден, 1903-та година го запали огнот во срцата на сите оние кои мечтаеа за слободна држава и преку пожртвуваност, храброст и љубов кон Македонија, тргнаа во беспоштедна борба за вечниот стремеж за конечно ослободување.
Огнот не престана да гори и во време на Народно ослободителната и антифашистичка борба, така што на 2-ри август 1944 година се оствари вековниот сон за сопствена државност на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински.
Борбата на еден народ не престанува со еден историски чин. Тоа е процес, тоа е континуитет, тоа е чувство што треба да го има секој од нас. Илинден е денот кога си припомнуваме за сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата. Си спомнуваме на Гоце, на Даме, на Питу на Сандански и го преземаме нивниот завет.
Тие ни оставија аманет како треба да се сака, да се гради и да се чува нашата Татковина. Нивниот пример е обврска за секоја идна генерација бесусловно да ја води својата борба, борба за напредна и поуспешна Македонија.
Нивниот сон за слободна и независна Македонија денес е реалност, а наша должност е тој нивен сон да продолжи. Нека е честит и вековит Илинден!
Нека е вечно делото на двата Илиндени 1903 и 1944 година!
Нека е вечна славата на борците за слобода и државност!
Нека е вечна нашата таковина Македонија!“ се наведува во пораката од ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Имаме системски пристап кон употребата на Вештачката интелигенција
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше свое обраќање на меѓународната конференција „AI for Society & Smart Governance“, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што истакна дека вештачката интелигенција, освен што е технолошка тема, претставува и прашање на политики, институционален капацитет и одговорност кон граѓаните.
„Во обраќањето нагласив дека клучното прашање не е дали ќе ја користиме, туку како ќе ја користиме. За да има реална примена во јавниот сектор, потребни се јасна рамка, квалитетни податоци и инфраструктура со конкретна имплементација, не само стратегии на хартија“, изјави министерот Андоновски.
Тој посочи дека Министерството за дигитална трансформација работи на конкретни чекори за системско воведување на AI во јавниот сектор и креирање основа за одговорна и применлива дигитална трансформација.
„Ги потенцирав и конкретните чекори што ги преземаме, а тоа е Националната ИКТ стратегија 2025–2030, подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција во координација со академијата и институциите, интеграцијата на AI асистент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ за развој на домашни GPU капацитети и модели на македонски јазик“, истакна Андоновски.
Тој на одговор на новинарско прашање во насока на Правилникот на АВМУ за инфлуенсери истакна дека ги разбира нивните барања и истакна дека можни се промени по барање на Здружението на инфлуенсери.
„Постои правилник донесен врз основа на измените на законот од 2023 година, кој стапи на сила пред некој месец со којшто се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите. Ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсери, и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми, од страна на физички лица којшто повремено или постојано се занимаваат со оваа работа’’, појасни Андоновски.
„Јас ги споредувам со колумнисти. Ако не бараме високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледам зошто би требало да имале и толку ригиден пристап кон оваа група на луѓе’’.
Министерот Андовски истакна и дека неформалниот водич кој беше донесен создал дополнителни недоразбирања.
„Беше донесен и еден неформален документ наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше дека е задолжителен за употреба за оваа група на креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна.”
Најави средба со Здружението на инфлуенсери за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.

