Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата да му помогне на угостителскиот сектор, 15 илјади граѓани ќе останат без работа
Македонија е на колена. Масовно тестирање нема, а вирусот коси без соодветни реакции од страна на надлежните. Бројот на починати и заболени секојдневно се зголемува, а институциите сè потешко се справуваат со ситуацијата. Нема соодветен менаџмент, ниту превентивно делување. Епидемијата зазема огромни размери, а Владата на СДСМ не презема мерки да се сопре здравствената и економска криза, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, неспособноста на оваа Влада доведе до тоа околу 15.000 граѓани од угостителскиот сектор да останат без работа.
„Последните анкети и статистики велат дека над 160.000 граѓани се отпуштени од работа како резултат на економската криза, а за тоа директно се виновни СДСМ и Владата. Поради тоа ВМРО-ДПМНЕ под итно бара од Владата да им се помогне на компаниите од угостителскиот сектор со 50% од бруто-плата која ја исплаќаат за секој еден вработен за март, април и мај.
Кириите за угостителските објекти се голем дел од трошоците на угостителите. Веднаш Владата да донесе законска одлука каде што угостителите кои имаат објекти под закуп што се под Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор или која било државна институција да бидат ослободени од плаќање кирија. Да се најде институционален начин угостителите кои имаат под закуп објекти кај приватни закуподавачи да плаќаат барем половина од месечната рата, односно кирија, односно 50%, за март, април и мај. За оваа мерка ги замолуваме за разбирање и закуподавачите заради сведениот обем на работа на нула“, соопшти партијата.
Тие бараат сите угостителски објекти да бидат целосно ослободени од плаќањето на закупот за летни тераси за целата летна сезона 2020. Ова ќе биде сериозна инјекција за угостителскиот сектор кој користи летни тераси за побрзо да ја надмине оваа криза.
„Јавните давачки кон државата, тука влегуваат ДДВ, аконтации за ДДВ, данок на добивка и други давачки, да бидат одложени до 10 месец 2020 година, односно до октомври месец и потоа да се наплаќаат на рати без затезни камати од страна на државата. Никој нема да биде оштетен ниту фирмите ниту државата, а ќе има сериозна помош за угостителите. Режиските трошоци за угостителските објекти, трошоци за струја, вода и останатите, кои ќе доспеат за март, април и мај, да се одложат за плаќање од 10 месец 2020, односно да се плаќаат од месец октомври на рати. Да се намалат критериумите за аплицирање мерки за помош од државата за угостителите, бидејќи вака како што се условите само 10% од угостителските компании можат да ги искористат. Тука вклучително бараме мерките да може да ги користат и оние компании кои користат субвенции од АВРМ. Веднаш треба да се интервенира со одлука за вадење на неопходните документи за аплицирање за мерките, да се вадат во најбрз можен рок електронски, без чекање по шалтери и сето тоа да биде на трошок на државата, односно бесплатно за компаниите од угостителскиот сектор. Владата на СДСМ треба да ја тргне на страна суетата и да ја прифати подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ за да се помогне на граѓаните“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

