Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата ѝ доделила државно земјиште од 1.119 м2 на жена му на Ковачевски за багателна цена од 70 денари за м2
Ковачевски бараше да не му се спомнува семејството, ама тој упорно го вмешува во своите скандали и бизниси. Последниот случај е дури чисто безобразие. Во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, Владата на Ковачевски на сопруга на Ковачевски ѝ овозможува милионски повластувања, се истакнува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, во која Ковачевски е премиер, г-ѓата Ковачевска добила државно земјиште за цена од 70 денари за квадратен метар. На 14 март Владата ѝ доделила на компанијата на сопругата на Ковачевски 1.119 м2 во Радовиш по багателна цена за нивниот соларен бизнис.
„За 70 денари граѓаните не може килограм кромид да купат, а г-ѓата Ковачевска добила земјиште со потпис на Артан Груби. Демек, ако потпишал Груби наместо Ковачевски, нема да има никаков проблем“, додаваат од оваа партија.
Очигледно, како што велат, Ковачевски и Груби решиле во криминалите да си чуваат грб еден на друг. „Првин, Ковачевски го поддржа Груби за скандалот со тендерот за надзорот и имотите на луѓето блиски до Груби, а сега овој му се заблагодарува со можност сопругата на Ковачевски да добие 1.119 м2 за само 1.273 евра. Во време кога владее невидена сиромаштија, кога компании ставаат клуч на вратата, за само илјада и кусур евра жена му на Ковачевски добива можност за милионски бизнис.
Ако мислат дека си ги кријат криминалите на овој начин, многу се лажат. И Груби и Ковачевски еден ден ќе одговараат за сите криминали и скандали“, е потенцирано во пишаната реакција од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

