Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на Ковачевски е влада на Бугарија, и на Албанија, затоа владеат со притисоци и уцени
Владата на Ковачевски е влада на Бугарија, и на Албанија, не е само влада на Македонија, затоа владеат со притисоци и уцени. Нема барање на Албанија и на Бугарија кое не го исполнија, реагираат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„Антивладиното расположение кај народот се зголемува со секој насилен обид на Ковачевски и СДС да се одржат вештачки на власт. Тоа го знаат и во СДС, тоа го знае и Ковачевски. Затоа е големата нервоза кај нив. Затоа не знаат кого попрво да обвинат за својата очајна политика. Прво удрија по медиумите, сега удираат и по своите членови и пратеници кои се за предвремени избори“, додаваат од опозициската партија.
Нивните пратеници, на кои, како што велат, им е јасно дека владата на Ковачевски се одржува на апарати, се наоѓаат под сериозен притисок и закани како директни, така и индиректни од посредници, но и насилници и ликови од подземјето.
Според ВМРО-ДПМНЕ, се поголем број членови на СДС и нивни функционери сваќаат дека агонијата со оваа власт може да се прекине само со предвремени избори.
„Тие гледаат дека СДС се претвори во владин приврзок на ДУИ и секој ден власт со Ковачевски е лошо и за СДС и за Македонија. Насилниците и оние кои упатуваат закани кон пратеници, но и нарачателите треба да знаат дека за тоа ќе одговараат. Никој веќе не се плаши на заканите и притисоците на оваа власт, нивниот политички крај се ближи. Борбата за Македонија нема цена и во оваа борба народот ќе извојува победа над власта на Ковачевски“, посочуваат во напишаното од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

