Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС и ДУИ пред заминување им приреди уште едно катастрофално изненадување на граѓаните, ново зголемување на прехранбените производи
„Денеска граѓаните се соочуваат со нов ценовен шок поради не продолжување на мерката загарантирани цени на прехранбените производи. Со ваквата одлука на владата на СДС и ДУИ директно се удира по џебот на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од денеска цените на прехранбените производи значително ќе се зголемат, а со тоа и инфлацијата која што во моментот е 50 проценти поголема од онаа во еврозоната.
Владата на СДС и ДУИ од една страна додека се фали дека наводно ги зголемуваат платите, а од друга страна носи непромислени одлуки кои негативно ќе влијаат врз животниот стандард на граѓаните.
Наводното зголемување на платите со кои се фали СДС и Димитар Ковачевски е безначајно бидејќи куповната моќ на парите е намалена. Па така за да се наполни една потрошувачка кошничка потребни се околу 1000 евра, или три минимални плати.
Со СДС и ДУИ граѓаните едвај врзуваат месец за месец. Со СДС и ДУИ граѓаните едвај преживуваат.
Со овој ценовен шок и зголемување на цените на прехранбените производи само ќе се зголемува бројот на оние 600.000 сиромашни граѓани кои денот го поминуваат со 150 денари.
Владата на СДС и Ковачевски во заминување преку ваквите катастрофални мерки сакаат да им се одмазди на граѓаните заради нивниот слаб рејтинг.
За нивниот слаб рејтинг не се виновни граѓаните, туку самите тие кои изминатите 7 години водат политика на криминал и лично богатење.
Македонската економија е на дното, а тоа го потврдува и фактот што Македонија е најзаостаната земја споредбено со земјите од регионот.
7 години СДС и ДУИ се 7 години изгубени за граѓаните и државата. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

