Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта, иако знаела за војната, не набавила ниту пченица ниту гориво на време
Власта, иако знаела за војната, не набавила ниту пченица ниту гориво на време, затоа сега ќе има редици пред маркетите и бензинските, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата тврдат дека Владата и Стево Пендаровски знаеле уште на 8 ноември дека ќе има војна во Украина со Русија и не презеле ништо за да ја подготват државата со зголемено ниво на стокови резерви и план при криза.
„Во изминатите неколку дена слушнавме три изјави на високи државни функционери дека стоковите резерви се полни, па ако не се, да се наполнат, па пак дека се полни, за на крај, претседателот на Република Србија да каже дека дава 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка за Македонија. Што правеле Владата и Пендаровски и зошто не презеле ништо за полнење на државните резерви? Зошто до сега не се пуштени резерви во оптек, доколку ги имало, за да не се покачат цените на ниво како што се сега?
Доколку властите знаеле за војната, зошто не набавиле доволно гориво и гас, туку во ек на зима се соочувавме со недостатоци? А најлошото, поради нивната неспособност, допрва доаѓа.
Доколку Пендаровски и Владата знаеле за војната, зошто не направиле план за извлекување на нашите државјани, туку, наместо тоа, го повлекоа персоналот, а ги оставија луѓето во опасност?“, праша ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата додаде дека Пендаровски и Владата треба да одговорат што презеле до сега и зошто дозволиле состојбата да дојде до оваа драматична точка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.

