Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта прави историска кражба, Ковачевски призна дека 70% од работниците на Коридорот 8 ќе се увезат од странство

Власта прави историска кражба, Ковачевски призна дека 70% од работниците на Коридорот 8 ќе се увезат од странство, се вели во соопштението во ВМРО-ДПМНЕ.
Од најголемата опозициска партија велат дека работниците кои ќе се увезат од странство, ќе можат да работат во Македонија без работни дозвола и без дозволи за престој.
– Ковачевски и Груби сами се вплеткаа во сопствените лаги, и полека вистината излегува на виделина. Наместо повеќе пари за македонските работници и компании, парите ќе се одлеваат за работници од странство, тоа историска кражба во вредност од милиони. Ковачевски и Груби го кријат договорот, затоа што се што потпишале е спротивно од тоа што тие тврдеа. Наместо 51% македонски работници, како што велеа Ковачевски и Груби, ќе имаме 70% странски работници. Ковачевски и Груби прифатиле и во случај на спор, да не важи македонското право, туку правото на Англија и Велс Ковачевски и Груби потпишале договор, за чие исполнување е потребно да се изменат цела низа на закони, а тие преземале обврски како измената на истите да не е никаков проблем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека власта да не го крие договорот, „граѓаните од чии пари преку буџетот ќе се плаќа изградбата на Коридорот 8 мора да знаат што плаќаат, колку и зошто“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По полноќ во Битола полицијата затекнала 23, а во Охрид шест малолетници

Полициски службеници при Секторот за внатрешни работи Битола во текот на 03/04 мај, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, по претходно подготвен план спроведоа акциска контрола во угостителски објекти и клубови во Битола.
Како што соопшти денеска МВР, притоа во билјард клуб лоциран на улицата „Климент Охридски“ биле затекнати осум малолетници после 24:00 часот, потоа во билијард клуб лоциран на улицата „Булевар 1-ви Мај“ биле затекнати двајца малолетници после 24:00 часот , а додека пак во билјард клуб лоциран на улицата „Белградска“ затекнати биле уште 13 малолетници, при што кај седумина од нив било констатирано дека конзумирале алкохол. По претходни известувања, малолетниците се предадени на родителите, а по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни пријави.
-Идентична акциска контрола беше спроведена и во Охрид од страна на полициски службеници при СВР Охрид, при што во еден објект лоциран на плоштадот „Св.Климент Охридски“ биле затекнати шест малолетни лица. Против правниот субјект и одговорното лице, кои овозможиле присуство на малолетници во угостителски објект по 24 часот, ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението.
Од МВР информираат дека на подрачјето на СВР Велес, односно во Велес во текот на изминатата вечер и денес во раните утрински часови беше спроведена акциска контрола во угостителски објекти.
-Притоа, при извршено мерење на јачината на бучавата со фонометар, во два угостителски објекти било констатирано дека има надминување на дозволената јачина, односно на музика погласна од дозволеното, со што е констатирано нарушување на јавниот ред и мир, така што по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави, се додава во соопштението.
Македонија
Хорор во Скопје, пред очите на 5-годишната ќерка ја усмртил мајката со убоди од нож по вратот и градите

Скопското Обвинителство спроведе истрага против едно лице за убиство на својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. На жртвата, како што информираат од Обвинителството, вчера во домот во Шуто Оризари и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место. Истрага е поведена и против уште едно лице за помагање на сторителот.
– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Истрага е поведена и против уште едно лице за кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 од Кривичниот законик, информираат од Јавното обвинителство.
Првиот осомничен, како што велат од Обвинителството, вчера при вршење семејно насилство во домот во Шуто Оризари, ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Делото го извршил во присуство на 5-годишната ќерка. На жртвата и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место.
-Веднаш потоа избегал од домот, во што му помогнал вториот осомничен кој му дал друга облека и му овозможил превоз со автомобил до граничниот премин Табановце. Во непосредна близина на границата го оставил и се вратил во Скопје каде се обидел да ги прикрие трагите на своите помагачки дејствија. Осомничениот за убиство продолжил кон границата каде бил запрен и уапсен, се наведува во соопштението.
Од Обвинителството посочуваат дека во текот на денешниот ден, по наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија со кои било пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази кои се обидел да ги прикрие и кои ќе бидат предмет на вештачење.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлози за определување мерка притвор и за осомничениот за убиството и за неговиот помагач.
Македонија
Во чест на загинатите во Пулс во Кочани се возеа велосипеди

Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот Пулс, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.
Родителите упатија прашање дали треба да се случуваат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, да дадеме поддршка и заедно да се молиме за побрзо оздравување на повредените. Порачаа дека нема да се откажат од борбата да го добијат одговорот за виновниците за трагедијата, заради правда за загинатите.
Во организацијата на велосипедската тура придонес дадоа и волонтерите од Црвен крст, членовите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, како и вработени во Полициската станица и Општата болница од Кочани.