Македонија
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието алармира за енормното загадување на воздухот
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата „За подобра Македонија“, денеска во Собранието на РМ поднесоа информација за енормното загадување на амбиенталниот воздух во земјата, соопшти Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, при своето обраќање во прес-центарот на Собранието.
Покрај оваа инофрмација, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат да се одржи и јавна распава во Комисијата за транспорт, врски и екологија во врска со енормното загадување, каде што ќе бидат повикани граѓански и еколошки здруженија, експерти и сите други што може да придонесат за да се спречи влошување на состојбата.
Мицевски истакна дека загадувањето на воздухот во Република Македонија урива рекорди како никогаш досега.
„Благодарение на актуелната власт, Македонија и официјално стана држава со најзагаден воздух во Европа. Оваа власт на чело со СДСМ и нивните функционери кога беа во опозиција ветуваше дека ќе го реши проблемот со загадувањето со низа мерки и проекти. Но, излажа. Не само што не го подобри квалитетот на воздух, туку, напротив, загадувањето на воздухот урива рекорди. Очигледно е дека СДСМ загадувањето го користеше само за политички поени и дека во ниту еден момент не помисли да се справи со оваа ситуација“, рече тој.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека ситуацијата со енормното загадување на амбиенталниот воздух е алармантна и, како што рече, се доведува во прашање здравјето на граѓаните.
„Загрижувачки се податоците на Европската агенција за животна средина, која во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот истакнува дека повеќе од 3.000 лица во Македонија годишно умираат како резултат на загадениот воздух. Во истиот тој извештај Македонија е прогласена за земја со најзагаден воздух и е во врвот по бројот на смртни случаи на жител“, истакна Мицевски.
Според него, власта, покрај тоа што ништо не прави за да го реши проблемот со загадувањето, се обидува преку исклучување на мерните станици во државата тоа да го скрие од граѓаните.
„СДСМ мора барем еднаш да понесе одговорност и барем еднаш да покаже дека искрено се грижи за граѓаните бидејќи сега е власт и може да реализира сè што ветуваше за подобрување на воздухот, а не да се моли да дувне ветар или да заврне дожд за да го тргне смогот што граѓаните секојдневно го дишат“, посочи тој.
Мицевски истакна дека како пратеници во Собранието избрани од граѓаните имаат обврска да алармираат за ваквата состојба поради што решиле да поднесат информација за енормното загадување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.

