Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го честита Денот на независноста
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го честита 8-ми септември, Денот на независноста.
„Независна и суверена Република Македонија била визија за која генерации Македонци живееле, твореле, се жртвувале и се бореле. Да се има сопствено парче земја во кое сами ќе ја градиме својата иднина, била идеја за која живееле и гинеле илјадници патриоти на овие простори.
Сето тоа стана реалност на референдумот 1991 година кога македонскиот народ без двоумење, во огромно мнозинство се определи за своја држава. На овој ден пред 28 години Македонците го остварија својот вековен стремеж за создавање на независна и суверена Македонија која со гордост ќе можат да ја нарекуваат свој дом. На 8 септември се оствари сонот на Илиденците, борците на НОБ и сите оние кои својот живот го положиле за сонот наречен Република Македонија.
Пред точно 28 години македонските граѓани масовно излегоа на референдумот за независност каде јасно и гласно кажаа дека сакаат да живеат во независна и суверена Република Македонија. Овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Се најавува ревизија на учебниците и промена на обележјата. Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето. Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото. Македонија е земја од која што младите масовно заминуваат, а не основаат семејства.
Сега повторно е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина. Време е сите да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија. Нека е честит и вековит овој голем празник, Денот на независноста! Нека ни е честита, вековита и просперитетна Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Николоски: Започнаа промените во општина Карпош, ќе се реконструираат преку петнаесетина улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.

