Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните велат „не“ за бетонската џунгла кај „Алумина“, само екипата ДУИ – СДС – градоначалник на Карпош велат „да“

„ДУИ и СДС од зелена агенда преминаа на изградба на бетонска џунгла во Алумина. Впрочем пратеникот од владеачкото мнозинство и омилен градежник во општина Карпош, Пуцко Петрол со помош на своите политички пријатели, запнале по секоја цена да го протуркаат ДУП-от со кој ќе му се овозможи бизнис од 600 милиони евра“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните велат не за ваков ДУП, експертите велат не, јавноста вели не, само градоначалникот на Карпош и бизнис коалицијата ДУИ-СДС вели да. За чиј интерес работи оваа екипа? За интересот на граѓаните, очигледно не, туку само за нечии тешки бизнис интереси.
Очигледно дека политичкиот пазар кој го гледаме во изминатите месеци, реториката која ја слушаме, а кој пред се е насочена против ВМРО-ДПМНЕ, има и дебела бизнис позадина. ДУП-от кај Алумина носи големи бенефити на многу функционери, не само на бизнис империјата на Пуцко Петрол. Оној функционер кому му се помили бизнисите на еден градежник од типот на Пуцко и е спремен да изигрува портпарол на градежната компанија, почесно е да си поднесе оставка и наместо да биде платен со народни пари нека го плаќаат со пари од компанијата, а за возврат нека им црта зградички и нека им прави хвалоспеви“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6 процента, лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.
„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.
Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.
Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.
Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.
Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.
„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.
Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.
Порача дека ова е владин неуспех.
СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.
Македонија
Муцунски – Странд: посочена важноста од поголема динамика во процесот на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Јоаким Странд, министер за европски прашања и државно сопствеништво на Финска, кој престојува во работна посета на земјава.
Разговорите беа посветени на актуелните европски и регионални прашања, со посебен акцент на политиката на проширување на Европската унија и перспективите во пристапниот процес. Министерот Муцунски ја реафирмираше цврстата посветеност за забрзување на евроинтегративниот процес со цел полноправно членство во ЕУ, во согласност со воспоставените критериуми и стандарди. Тој истакна дека државата останува доследен и кредибилен партнер на ЕУ, кој континуирано работи на спроведување на реформите и активно придонесува кон регионалната стабилност и соработка.
Муцунски посочи и на важноста од поголема предвидливост и динамика во процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Финска.
Двајцата министри разговараа и за билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.
Македонија
Набавени 80.000 вакцини против сезонски грип – имунизацијата ќе почне во втората половина на месецот

Министерството за здравство информира дека е потпишан договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип.
Во текот на следната недела се очекува да пристигнат вакцините, по што традиционално, имунизацијата против грип ќе почне во втората половина на месецов, соопштуваат од министерството.
„Годинава се набавени најголем број вакцини за оваа намена досега. Станува збор за четиривалентна вакцина од реномираниот производител Абот од Холандија.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи“.